Народната банка на Србија (НБС) очекува наскоро да добие официјален фидбек од Европската комисија за нацрт-апликацијата за пристапување на Србија во Единствениот европлатен простор (СЕПА), пишува Eуропиан Вестерн Балканс (EВБ), пренесува Данас.
„Ги презедовме сите неопходни мерки со цел што поскоро да постигнеме побрза и поефикасна платежна трансакција со Европската Унија и регионот“, соопшти НБС за EВБ, одговарајќи на прашањето како изгледа приклучувањето на Србија.
СЕПА е иницијатива на Европската Унија која е формирана со цел поедноставен, побрз и поевтин банкарски трансфер на пари. Таа тема повторно се најде во фокусот на јавноста кога генералниот директор на Директоратот за соседство и проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман, во обраќањето пред пратениците во Европскиот парламент оваа недела изрази очекување дека Црна Гора, како прва земја од Западен Балкан, ќе стане членка на СЕПА-зоната на 1 јануари 2025 година. Како што тврди Копман, Албанија и Северна Македонија наскоро би можеле да се приклучат на Црна Гора, додека „Србија и Косово се исто така многу заинтересирани за членство“, и тој се надева дека нема да помине долго пред Босна и Херцеговина да стане дел од СЕПА. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, неодамна, по средбата со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, изјави дека без оглед на техничките доцнења во одредени аспекти, останува убеден дека Србија успеала да „скокне на тој воз“ и дека ќе биде дел од Единствената зона за плаќање во евра.