Во собранието денеска на пленарна седница повторно се ставени на дневен ред предлог законите од најавената даночна реформа. Данокот на солидарност, измените на законот за ДДВ, како и измените на законот на данок на добивка. Трите предлог закони се носат со европско знаменце, односно по скратена постапка.
Овие предлог законски решенија на дневниот ред се во горниот дел од агендата, а подолу пратениците ќе треба да расправаат и за неколку битни точки како избор за претседател на Регулаторната комисија за енергетика и за останати членови на ова независно тело, а треба да се разгледаат и годишни извештаи на неколку државни агенции.
Парламентарното мнозинство и денеска ќе се обиде да ја усвои даночната реформа во собранието преку носење на трите закони во областа на даночната политика.
Станува збор за новиот еднократен данок на солидарност, промената на даночната стапка на стотици прехранбени производи и измените на данокот на добивка. Ова се предлог законските решенија за кои граѓаните и стопанствениците цело лето жестоко реагираат, а пак опозицијата се противи да даде поддршка да бидат донесени во законодавниот дом.
На дневен ред денеска е и расправата за втор мандат на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, како и за членови на комисијата. Предложени се Александар Чеботарев, Мерита Дема и Фатон Амбари.
Според дневниот ред претениците денеска ги чека доста работа со оглед на фактот што треба да се разгледа и финансискиот извештај на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, како и Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурувањето и извештајот за осигурителниот пазар, трите извештаи се за 2022 година. Пред пратениците денеска е и Годишниот извештај за извршените ревизии на Државниот завод за ревизија.
За јавноста исто така е интересна и 22та точка од дневниот ред на собранието на која ќе се дебатира и за Фискалната стратегија на државата за периодот од 2024 до 2028 година. Во неа се опфатени очекувањата за тоа во кој правец ќе се движи македонската економија. По скратена постапка парламентарнотот мнозинство има за цел да ги донесе и измените на законот за платежни услуги и платни системи, а пак во редовна постапка е предвидено носење на дополнувањето на законот за земјоделско земјиште.
Пред пратениците стаса и предлог законското решение со кои државата ќе биде гарантор на заемот кој ќе го добие АД ЕСМ од Европската банка за обнова и развој се со цел подобрување на ликвидноста на оваа енергетска компанија, како и обезбедување на средства за производство и набавка на електрична енергија во периодот што следи.
Помеѓу останатите точки во собранието се најде и именувањето на Спасе Глигоров за директор на Агенцијата за администрација како и Предлог законот за ратификација на спогодбата помеѓу Македонија и Албанија за меѓународен воден транспорт во Охридското Езеро.