Во интервју за МИА, прво по нејзиниот избор за министер за финансии, Ангеловска нагласува дека нејзините препознаени капацитети, знаење и досегашниот труд ќе бидат ставени во функција на државата.
– Сите сакаме промени од една страна, но промените не се лесни, а уште помалку се прават со критикување. Ова го гледам како можност да правам промени, бидејќи тие тешко се прават однадвор, но се прават внатре, во Владата. Не сакам да верувам дека успехот во нашата земја не се простува, како што велат, сакам да докажам дека може да биде спротивното и да бидам мотивација за други млади луѓе кои се способни затоа што нам ни останува да ги водиме промените, вели Ангеловска.
Ветува дарежливост за инвестиции што ги враќаат парите, ќе донесат економски раст и ќе ја намалат невработеноста, а ќе биде штедлива за непродуктивните трошења. Има план како да стимулира поголемо користење на парите за капитални инвестиции. Пред неа е, како што вели, амбициозна агенда во фискалните политики, насочени кон економски раст, зголемување на продуктивноста, намалување на невработеноста. Таа во интервјуто зборува и за мерката за стимулирање на растот на платите предвидена со претстојниот ребаланс на Буџетот, прогресивното оданочување, проектот „Мој ДДВ“, а ги коментира и шпекулациите и обвинувањата за начинот на работењето на он лајн платформата „Групер“ што ја менаџираше во изминатиот период.
Што беше мотивација да прифатите министерска позиција во овој ресор?
– Пред се, кога сум добивала меѓународни признанија, признанијата секогаш носат мотивација и се избор за уште подобра работа, бидејќи знаеме дека секогаш може подобро. Е, сега, ова е различен начин на препознавање. Можам да кажам дека понудата ја сметав како начин на препознавање на моите капацитети, мојот потенцијал, моето знаење и труд што сум го постигнала досега да бидат ставени во функција на државата. Кога размислував, не можам да кажам дека одлуката ми беше лесна, Групер е граден со многу пасија низ годините, со многу напорна работа. Од друга страна во новосоздадена индустрија каде што правевме борба за промени во законските регулативи, а поради тоа ја основав и Асоцијацијата за електронска трговија која што се залага за промени и сега кога кажувам промени доаѓам до главниот мотив – што ми беше мотив да го прифатам овој ресор, или да кажеме драјвот кој беше клучен. Тоа сметам дека беше можноста да се прават промени бидејќи сите сакаме промени од една страна, но промените не се лесни, а уште помалку се прават од критикување, нели. Ова го гледам како можност да ги правам промените, бидејќи промените тешко се прават од надвор, но се прават од внатре во Владата. И уште сакам да додадам дека не сакам да верувам оти успехот во нашата земја не се простува како што велат, сакам да докажам дека може да биде спротивното, да бидам мотивација за други млади луѓе кои се способни затоа што на нас останува да ги водиме промените.
Токму на адреса на вашата младост дека со 31 година вие станувате првата жена министер беа упатени редица критики од опозицијата, имаше и многу шпекулации во јавноста како во однос на капацитетот поради младоста да одговорите на предизвикот, така и за компанијата „Групер“ што ја основавте и менаџирате со години, дали е плагијат начинот на којшто сте ја раководеле? Кој е вашиот одговор на сите овие шпекулации и коментари и очекувања?
– Да, тука поставивте неколку прашања и ви благодарам за прашањата. Прво, еве, ќе се осврнам на младоста, спомнавте дека сум многу млада. Не би рекла дека сум многу млада, бев многу млада кога имав 21 година кога се впуштав да основам бизнис во индустрија која што не постеше речиси кај нас. Не зборуваме само за ниска интернетпенетрација, туку и за немање на платежни картички. Тогаш да, бев млада, бев полна со енергија и ентузијазам дека ќе предизвикам промени во таа индустрија. Меѓутоа, исто така, сега кога спомнуваме дека имаше критики за младоста и искуството, свесна сум дека сум поразлична од досегашниот профил на луѓе кои ја воделе оваа одговорна функција. Значи, од една страна сум – да различна, но од друга страна кога зборуваме за фискални политики знаеме дека фискалната политика е средство за постигнување на економските цели. Знам, јасно ми е дека Министерството за финансии е крвотокот на државата, ама ако зборуваме за постигнување на економски цели тука доаѓа дека за која било цел која што сакаме да ја постигнеме е клучно доброто менаџирање. Затоа секогаш слушаме менаџирање со јавен долг, менаџирање со јавни финансии, а во менаџирањето досега јас и теоретски и практично и дома и интернационално сум се докажала. Менаџирањето бара широки интердисциплинарни познавања особено денеска во современиот свет и бара да се препознае потенцијалот, да се постават правилните прашања, да се донесат правилните одлуки на база на анализа, истражување и да се постават приоритети во овој случај коишто ќе донесат најмногу бенефити и за граѓаните, но и за бизнисите.
Да се осврнам на вториот дел на вашето прашање и за тоа ви благодарам затоа што еве можеме да ги расчистиме дилемите и шпекулациите коишто беа поставувани изминатата недела, а во Собранието ми беа директно вперувани, а јас не можев да одговорам на сите тие работи. Прво, во однос на тоа дека „Групер“ е плагијат ако ги погледнете сите мои интервјуа од 2011 година па наваму ќе видите дека јас во секое интервју кажувам дека „Групер“ е инспириран од успешната американска компанија „Групон“ и оти ние донесовме нов бизнис модел на македонскиот пазар во време кога не постоеше ниту тој бизнис модел, ниту онлајн плаќањата и е-трговијата. И сега тука не можеме да кажеме за бизнис модел што сме го донеле каде што јас цело време сум кажувала од каде е инспириран дека било плагијат. Тоа е бизнис модел којшто постои во секоја една држава во светот и е македонска компанија градена со многу труд и работа, која што соработува со 3.500 компании, опслужува над 200.000 корисници и има креативен млад, динамичен и ентузијастички настроен тим. Во однос на тоа дали сме работеле во согласност со регулативи, проиписи, беа споменувани и минимални плати, благодарам на приликата да ги демантирам сите тие невистини коишто беа, како да кажам, спинувани информации. Компанијата ниту има 12 вработени, ниту дели минимални плати, ниту вработува ИТ-инженери, напротив, ние имаме аутсоср компанија со која што работиме за се што е развој на софтверот, така што, ги демантирам сите тие невистинити информации коишто беа упатени.
Од приватниот сектор се префрливте во друго поле. Ќе бидете чувар на државната каса. Скржавост или дарежливост, каков пристап може да се очекува?
– Добро е поставено прашањето бидејќи тргнувате од таму од каде доаѓам – од реалниот сектор. Значи, јас како учесник во реалниот сектор секогаш сите одлуки сум ги правела за инвестирање и ширење на бизнисот врз база на анализа да донесам најдобра одлука каде ќе имаме најдобар поврат на инвестираните средства, каде ќе бидат максимални резултатите, каде ќе се постигне оптимизација бидејќи секогаш играме со ограничени ресурси. Не можам да кажам дека ќе бидам скржава во однос на трошоците, инвестициите коишто ќе се прават за да вратат назад. Оние непродуктивни трошења коишто нема да вратат назад секако дека може да бидат предмет на штедење. Меѓутоа, не можеме да зборуваме за штедење во капитални инвестиции или проекти коишто ќе донесат економски раст, коишто ќе ја намалат невработеноста. Тука мислам дека е јасно дека не треба да се штеди затоа што гледаме секој денар за којшто ќе се внимава каде се инвестира на граѓаните и тоа ќе биде видливо за сите, нели зборуваме за фискална дисциплина, фискална транспарентност за да може граѓаните да видат каде се троши секој нивен денар… Тука ќе се залагам исто така многу, бидејќи особено во новиот современ свет кога ни стојат на располагање толку технологии ние без технологиите не можеме да разговараме за фискална транспарентност, фискална дисциплина. За да граѓаните го видат сето тоа потребни се нови технологии за коишто, исто така, мислам дека имам добро развиени и чувство и знаење за да може да имплементирам промени.
Што можеме да очекуваме за идните правци на фискалната политика?
– Фискалната политика е одраз на среднорочните цели и приоритети на Владата. Со оглед на тоа дека јас доаѓам на една година до крајот на мандатот, би рекла дека пред мене стои навистина амбициозна агенда. Имаме Програма за управување со јавни финансии којашто е навистина амбициозна, со која што во следниот период ќе се залагам да се донесе новиот закон за буџети којшто го регулира целиот буџетски процес и во којшто е предвидено да се имплементира нов проект – т.н. интегриран систем за водење на јавни финансии којшто ќе зголеми и фискална дисциплина и транспарентност и тоа ќе биде навистина обемен предизвик. Секако дека ќе промени од корен многу работи во начинот на водење на јавните финансии.
Во однос на фискалните политики можам да кажам дека секако ќе бидат насочени во економски раст, зголемување на продуктивноста, намалување на неефикасноста, кон намалување на невработеноста. Сите тие инструменти, предлог-мерки, коишто ќе се користат ќе бидат насочени за најдоброто и за граѓаните, но и за носителите на економска активност.
Во ребалансот на Буџетот што треба да се најде следната недела на владина седница, една од мерките е и стимулирање на севкупното покачување на платите. Имате ли Вие првичен преглед за ребалансот и кој е Вашиот став во однос на ваквиот начин на стимулирање на платите?
– Како што кажав, претстои доста амбициозна агенда, уште поамбициозна ако видиме во каков период доаѓам, период на ребаланс, период на формирање на следниот буџет, во период кога се започнати многу реформи. Јас ќе ги испитам ефектите на сите досега предложени и започнати реформи пред да донесам одлука за какви било промени.
Ребалансот е во завршна фаза. Јас во последните денови бев вклучена во завршната фаза, еве чекаме следната недела конечно да биде и донесен и да биде и презентиран. Секако дека и оваа мерка која што беше најавена е вградена во двата месеци во коишто ќе биде имплементирано, односно од 1 октомври е планирано да се донесе тој закон. Секако дека во истиот се вклучени и други клучни ресори па повеќе ќе може наскоро кога ќе биде и официјално презентирана мерката да кажеме. Она што сега можам да ви кажам е дека пресметката е вклучена во ребалансот и сметам дека е добро тоа што мерката ќе овозможи малите и средни компании и воопшто компании да можат да дадат поголеми плати, а притоа да бидат ослободени од плаќање на придонесите.
Рековте дека нема да штедите на капитални инвестиции. Меѓутоа, токму на тоа поле има многу забелешки и дека не се користат доволно. Имате ли план за стимулирање на користењето на парите за капитални инвестиции?
– Да, знам дека една од забелешките досега и секако, со право, беше ниското трошење и реализација на капиталните инвестиции и тука сметам дека е многу важно и сметам дека можам да го подобрам, процесот не само на планирање на проектите, бидејќи треба да се земат предвид и капацитетите со кои располага ресорот на кој му е доделен проектот и навремено следење и контрола за да се трошат парите. Навистина претставува загуба ако се предвидени средства за капитални проекти и инвестиции, а не се потрошат. Можам да кажам дека тука ќе се залагам. Имам идеја и како тој процес ќе биде подобрен, секако во свое време ќе споделам повеќе. Но, на истата тема и на истото прашање сметам дека е многу важно кога носиме мерки и промени не само што и зошто се прави нештото, туку начинот и тајмингот на спроведување на било што.
Дали според Вас се добри ефектите од прогресивното оданочување и што би промениле за да има подобри резултати?
– За прогресивното оданочување мојот личен став е дека – ако ја врши редистрибутивната улога да ја намали нееднаквоста секако дека е добра мерка и би требало да биде добро прифатена од сите граѓани затоа што кој сака да гледа сиромаштија, така. Од друга страна, за да е добро прифатена треба граѓаните да веруваат во институциите, да знаат дека сите еднакво плаќаат и нели и дека се адресира и сивата економија.
Во однос на прогресивниот данок кога кажав дека сметам дека ако ја заврши редистрибутивната улога која ја има е добро. Меѓутоа, дали ја врши улогата треба да влезам и да ги видам ефектите, точните анализи затоа што, како што кажав во претходното прашање многу е важно начинот и трајмингот на спроведување, не само што и зошто. Една мерка можеби е многу добра, но можеби начинот на кој е спроведено, можеби тајмингот може да биде подобар. А за ова поконкретно кога ќе видам точни ефекти и анализи од досегашното остварување.
Имате ли планови за продолжување, проширување на концептот на Владата за парите кај граѓаните и во тој контекст кој е вашиот став за проектот МојДДВ, ќе следат ли други такви мерки и проекти.
– Искрено да ви кажам, досега што согледав можам да видам дека мерката е многу популарна. И секако гледам дека и ги дава резултатите, односно во претходните два месеца има зголемена наплата на ДДВ која што може да се препише благодарение на мерката. Имам и тука идеи. Можам да ви кажам уште од сега дека мерката ќе претрпи одредени измени. И мерката како таква и мобилната апликација и верувам, сигурна сум дека сето тоа многу ќе им се допадне на граѓаните и наскоро, се уште не сум влезена во Кабинетот, да влезам и многу скоро ќе можам повеќе да споделам за сите промени коишто ќе бидат воведени.