Поради масовната алокација на средства од буџетот за време на пандемијата и послабата наплата на данок, дефицитот во Соединетите држави достигна рекордни 3,1 илјади милијарди долари оваа година, што е за три пати повеќе од 2019 година.

Дефицитот е повеќе од двојно поголем отколку за време на кризата во 2009 година, која изнесуваше 1,4 трилиони долари.

Според Асошиејтед Прес, годинашниот дефицит е 15,2 проценти од БДП, што е највисок процент од Втората светска војна, пренесува Гласот на Америка.

Проекцијата за годинашниот дефицит беше до илјада милијарди долари, но поради вирусот, затворањето на економијата, големите алокации од буџетот за помош на граѓаните и падот на даночните приходи, тој е многукратно поголем.

Во текот на оваа година, приходите паднаа за 1,2 проценти, а трошењето од буџетот се зголеми на дури 47,3 проценти, или 6,55 илјади милијарди долари – повеќето од нив беа за помош на компаниите и оние кои останаа без работа.

Околу 22 милиони Американци останаа без работа во март и април кога економијата заглави поради пандемијата. Милиони луѓе се уште се во несигурна состојба и очекуваат помош од Владата.

Сепак, договор за плаќање на федералните надоместоци за невработеност меѓу Конгресот и Белата куќа не е постигнат од крајот на јули, кога беше исплатена последната транша од помошта.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк