Дел од лозарите уште ги немаат добиено парите од лани предадениот род на грозје. Мораат судски да си ги бараат парите. А годинава вложиле далеку повеќе оти вештачкото ѓубре, препаратите се далеку поскапи од лани…
Лозарите се жалат, дојде време на овогодишната берба а дел од нив уште ги немаат добиено парите од ланскиот род. Тие ги предале грозјето а парите уште не легнале на нивните сметки. Заради остарување на нивните права тие мораат да одат на суд и да плаќаат дополнителни трошоци.
Годинава Стефан Стојчев, лозар, мака мачи каде ќе го пласира родот, кој го проценува на 250 тони вранец. Вели дека е принуден да го предаде по секоја цена, за да може да си ги врати трошоците, кои не биле мали. Зголемени се цените на вештачкото ѓубре, на препаратите, работна рака нема. Тоа за лозарите е голем проблем, немање на аргати и се решава ден за ден.
Годинава лозарите од Тиквешијата проценуваат дека се очекува род на 80 милиони кг. грозје. Стравуваат дали се ќе се обере, по искуството од ланската година, кога не за сите е платено предаденото грозје.
Годинава проблем освен незадоволството од понудените цени, е и што останаа малку визби кои ќе го откупуваат родот.
Петар Печков