Вработените во јавниот сектор добија мартовската плата, но без покачувањето од 12 отсто, како што е според општиот колективен договор. Пресметан им е само повисокиот минималец. Поради ова некои најавиле дека ќе тужат.

Од ССМ појаснуваат дека поради тоа што Владата до крајот на 2024 не стави потпис на Општиот колективен договор, вработените од март треба да добиваат за 12 отсто повисока плата.

  • До крајот на 2024 година не се потпиша согласноста со која Владата и ССМ требаше да ги договорат коефициентите. Поради тоа што ова не е направено, автоматски платата на вработените во јавниот сектор треба да се пресмета според растот на просечната и според формулата таа треба да биде зголемена за 12 проценти, појаснуваат од ССМ

Заменик министерот за економија Ристевски иако ги знае обврските од општиот колективен договор, најави дека и следната, априлската плата ќе биде без ова покачување, повторно само со пресметан минималец.

  • Не дека не ги знаеме обврските и јас сметам дека тоа ако се договорат во министерството за администрација со платата од мај месец ќе биде нивелирано, изедначено и ќе бидат задоволни сите вработени. И априлските плати ќе бидат ќе бидат пресметани по истиот основ како и до сега со она зголемување на минималната плата, изјави во Топ Тема, заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески

Од друга страна пак вработените во пазарниот, трудовиот инспекторат и Министерството за економија се уште ја немаат добиено платата за март. Нема информација ниту дали ќе им легне за Велигден. Според, информациите кои ги добиле вработените се работело за технички проблем кој настанал со преземањето на двата инспекторати од Министерството за економија и труд.

Токму, пазарниот инспекторат е оној од кој периодов се бара да направи стотици контроли на територијата на државата. Освен проверки по маркетите дали ја почитуваат мерката за ограничени маржи, екипи одат во контрола и по угостителски објекти.

Министерството за економија и труд пак е во центарот на истрагата за трагедијата во Кочани.