Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската Комора на Северна Македонија, заедно со претставници од Министерството за Финансии и Народната Банка на Северна Македонија ќе земат учество на престижната регионална конференција „Microbalkans 2024“ која ќе се одржи на 31 октомври и 1 ноември 2024 година во Сараево- Босна и Херцеговина. Конференцијата е организирана со поддршка на Европската Унија, од страна на Асоцијацијата на микрокредитни организации на БиХ (AMFI) и има за цел да го поттикне развојот на микрофинансискиот сектор во Западен Балкан преку засилена соработка и иновации.
Настанот ќе собере над 200 учесници, вклучувајќи лидери на финансиски и микрофинансиски институции, експерти за дигитална трансформација, претставници од централните банки, регулатори, правни советници, провајдери на информациски технологии и други важни чинители на екосистемот, од регионот и пошироко.
На панелот „Дигитализација во микрофинансискиот сектор“ учество ќе земе Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија и генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group, кој ќе говори за дигиталната трансформација и придонесот на финтек решенијата во модернизацијата на финансискиот сектор. Модератор на панелот „Дигитализација во микрофинансискиот сектор,“ ќе биде Арлинда Муја, Потпретседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија и главна Извршна Директорка на Финмак ДОО, која воедно е и Претседател на „Albanian Microfinance Association“
Во воведниот панел ќе се обрати Биљана Мишиќ, потпретседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва и Извршен Директор на Iute Македонија, која ќе го претстави македонскиот сектор на финансиски друштва и неговиот удел во целокупниот финансиски систем.
Во оваа насока, на конференцијата ќе се одржи и тркалезна маса насловена како „Регулаторна рамка и позитивни практики од ЕУ и Западен Балкан“, каде учесник е Иван Недев, раководител на Одделот за финансиски систем при Министерството за финансии на Македонија.
На панелот „ESG во микрофинансискиот сектор: потреби и услови“, ќе говори Фросина Целеска, Директорка на дирекцијата за банкарска регулатива и решавање банки, која заедно со другите панелисти ќе ги споделат своите искуства и перспективи и ќе се фокусираат на искористување на можностите кои ги пружа ESG за развојот на микрофинансискиот сектор во регионот.
На конференцијата ќе се потпише и Меморандум за соработка помеѓу микрофинансиските институции од Западен Балкан, со што ќе се постават основите за создавање на заедничка платформа за поддршка на микрофинансискиот сектор. Преку оваа платформа, земјите од регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија, ќе имаат пристап до дополнителен капитал, гаранции за финансирање и техничка поддршка, како и до ресурси кои се достапни во ЕУ.
Оваа иницијатива претставува важен чекор кој ќе помогне во градење на посилен имиџ на микрофинансиските институции како носители на социјална одговорност и поддржувачи на одржливиот развој, воедно создавајќи услови за подобрување на финансиската инклузија и економскиот развој на регионот.