Државните пари за проектот за електрично возило се онаму каде рековме дека ќе бидат, а тоа е Буџетот на државата. Причината за тоа е едноставна: работам чесно и одговорно од првиот ден на мојот мандат и не менувам принципи на работење, посебно не оние што ги сметам за основни. Од самиот почеток на овој проект, јасно рековме дека средства за проектот ќе има, но откако инвеститорот ќе ги реализира сопствените обврски предвидени со договорот. Тоа останува услов до крај, се вели во реакцијата на директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски на денешната конференција за медиуми на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во овој момент, сѐ уште нема фабрика, но, има проект, има конзорциум на домашни компании кои се избрани од инвеститорот да го реаизираат градежниот дел, има договор за закуп на земјиште, има подготовка за градба на клучна инфраструктура кон зоната.

Но, и без овие работи, навистина не сметам дека ова е причина за задоволство, па макар доаѓало и од нашите политички опоненти. Ефектите од оваа, како и од останатите инвестиции се за сите граѓани на оваа држава. Затоа навистина е, коректно кажано, несоодветно е самите да креираме слика за неуспеси, а притоа и да се радуваме. Впрочем, ако е тоа пристап и политика со која се гради здрава држава и општество, тогаш секако и сите ние останатите, што не сме дел од врвот на ВМРО ДПМНЕ, би имале многу причини за вакво ‘радување’, почнувајќи од проектите во Скопје 2014, преку клучките на автопатот до Охрид, до зоната во Ранковце, каде во име на државата се ветувани работници за 8.000 денари месечна плата.

Oдговорноста кон граѓаните се гледа низ резултати, а не низ желбите и обидите да стигнеме до резултати. Денес можеме да зборуваме за над 4.000 нови работни места во компаниите во зоните во период од само 30 месеци. Истото е 2/3 од вкупно оствареното во цела деценија до 2017 година. Или дека средствата што со услови и по јасни правила се вложуваат како поддршка на инвестициите денес носат над 60 милиони евра приходи во Буџетот на годишно ниво. Тоа се 50 милиони евра годишно повеќе за училишта, болници, инфраструктура, пензии, плати на здравствените, образовните и работниците во војската и полицијата.

Конечно, во сета измината една година и институцијата и лично јас не сме избегнале ниту едно прашање, ниту пак барање за информации поврзани со овој проект. Така ќе остане и понатаму и за овој и за сите проекти што ги работиме“, се вели во реакцијата на Јован Деспотовски, директорот на дирекција за ТИРЗ.