Германската банка „Deutsche Bank“ предупредува на структурен тренд на опаѓање на вредноста на доларот во наредните години. Ова би можело да ја доведе американската валута до најслабото ниво во однос на еврото во последните повеќе од една деценија.
Стратезите Џорџ Саравелос и Тим Бејкер истакнуваат дека негативниот ефект од американските царини, фискалните стимулации во Германија, како и преиспитувањето на улогата на Вашингтон на меѓународната сцена, ќе предизвикаат инвеститорите да ги напуштат американските средства и тоа ќе изврши притисок врз доларот.
Вредноста на американската валута достигна 16-месечен минимум претходно оваа недела, поради зголемената неизвесност што поттикна прашања за статусот на главната резервна валута во светот. Индексот на доларот „Bloomberg“ падна за 4% во април, на добар пат за најлошиот месец во повеќе од две години.
Индексот на доларот, кој ја мери силата на американската валута во однос на кошничката конкурентски валути, падна за 0,4% на 99,39 поени неколку минути по почетокот на редовната сесија на американскиот берзански пазар.
„Сега постојат предуслови за почеток на голем тренд на опаѓање на доларот. Со оглед на историскиот развој на последните неколку месеци, нашата прогноза за EUR/USD сега очекува доларот да влезе во долгорочен тренд на опаѓање“, велат прогнозерите.
Банката предвидува дека еврото ќе достигне цена од 1,30 долари до крајот на 2027-ма година, ниво кое не е забележано од 2014-та година. Тоа е исто така значително над средната прогноза во анкетата на „Bloomberg“ од 1,15 долари.
„Deutsche Bank“, исто така, очекува јенот да апрецира на 115 за долар, што би било неговиот најсилен резултат од 2022-ра година.
Само пред еден месец, прогнозата на банката беше за 1,15 долари и 125 јени за долар, соодветно.
Во исто време, еврото ќе има корист од приливот кон средства кои се сметаат за безбедни засолништа и желбата на менаџерите да инвестираат на Стариот континент, забележуваат стратезите. Заедничката валута се зголеми за над 5% овој месец, преминувајќи го прагот од 1,15 долари претходно оваа недела. До крајот на 2027-ма година, банката очекува доларот да ослабне во однос на другите валути, при што фунтата ќе се искачи на 1,45 долари – ниво последен пат забележано во 2016-та година. Исто така, се очекува еден долар да се разменува за 1,25 канадски долари, ниво последен пат достигнато во 2022-ра година.
Саравелос и Бејкер истакнуваат дека трговските политики на американскиот претседател Доналд Трамп го намалуваат апетитот на странските инвеститори за финансирање на дефицитите на земјата. Ова води до постепено лишување од инвестиции во американските средства и ги охрабрува другите земји да ги зголемат фискалните трошоци за да го поддржат домашниот раст и потрошувачката.
Ова значи дека деценискиот период на американска исклучителност „веќе почна да еродира“, забележуваат стратезите. И во услови на континуирано повлекување на пазарот од доларот, „екстремната неизвесност и брзо менувачките политички норми“ ќе го одржат висок ризикот од „дисколокации на пазарот и нарушувања на режимот“.