Девизниот курс на еврото во однос на доларот на меѓународните пазари се тргуваше за 1,1057 $, што значи пад од само 0,5 проценти во споредба со крајот на тргувањето во петокот, после рефердумот во Грција на кој грците се изјаснија против понатамошни мерки за штедење. Блага поддршка еврото доби од веста за оставката на грчкиот министер за финансии Yanis Varoufakis, така што продолжи да се држи во рамките на својот нормален опсег од крајот на април.
Слично движење на еврото се забележа минатиот понеделник по прекинот на преговорите помеѓу лидерите на еврозоната и Атина, пред се поради несигурноста на многу учесници на девизниот пазар во однос на потенцијалната штета што може да ја предизвика излезот на Грција од еврозоната, потсетуваат учесниците на финансиските пазари.
“За мене, се зависи каква улога ќе има германската канцеларка Angela Merkel. Заминувањето на Varoufakis сигнализира помалку тешки преговори”, изјави Richard Benson од Millennium Global.
Како и многу други, тој наведува дека изгледите за европската економија, најверојатно, се влошени поради неизвесноста предизвикана од грчката криза и тоа најверојатно ќе предизвика натамошен притисок да се намалат каматните стапки во еврозоната.
Изгледите за полабава монетарна политика може, пак, да ги привлече инвеститорите кон државните хартии од вредност во европското јадро, вклучувајќи ги и германските обврзници, но некои аналитичари тоа го издвојуваат како краткорочни позитивни фактори за еврото.
Во фокусот на пазарот е и швајцарскиот франк, вообичаеното засолниште за капиталот во несигурни времиња за економијата на еврозоната. Се разбира франкот во однос на еврото не е променет, но затоа во однос на доларот ослабна за 0,3 проценти, што предизвика гласини кај инвеститорите за можна интервенција на Швајцарската национална банка (ШНБ). Од ШНБ, која минатата недела потврди дека ќе интервенира за да го ослабне девизниот курс на франкот, не сакаа да ги коментираат таквите гласини.
“Се чини дека еврото е добро зауздано во оваа фаза. Движењето на неговиот курс не е толку драматично како што некои очекуваа. Всушност, се чини дека инвеститорите се уште седат на страна, не сакајќи да преземат ризици во оваа фаза”, рече Mitul Kotecha, шеф на оделот за валутни истражувања на Barclays.