Новата монетарна алатка – дигиталното евро, за која постојат стравувања дека би можела да го дестабилизира европскиот банкарски систем доколку погрешно се менаџира, предизвикува несогласувања меѓу најмоќните земји членки на ЕУ и Европската централна банка (ЕЦБ) околу контролата врз овој инструмент.
Дигиталното евро, замислено како виртуелен пандан на евро монетите и банкнотите, веќе неколку години го развива ЕЦБ со идеја да претставува сеевропски пандан на американските „Виза“ и „Мастеркард“.
Но, како што идејата се приближува до реализација, се појавија првите несогласувања, откако неколку земји членки на ЕУ, меѓу кои и Франција и Германија, посочија дека ЕЦБ добива преголема контрола околу тоа колкава сума на дигитални валути ќе можат граѓаните да држат во „е-паричниците“ поддржани од Централната банка.
Иако навидум изгледа како техничко прашање, сепак постојат стравувања дека ако лимитот биде поставен премногу високо, граѓаните би можеле да повлечат огромни суми од банките во услови на криза, со што би ја загрозиле стабилноста на целиот банкарски систем. Од друга страна, се изразува и загриженост дека секое ограничување може да ја наруши личната финансиска слобода на граѓаните.
Дигиталното евро всушност само ја разгоре битката околу тоа каде завршуваат ингеренциите на Централната банка на ЕУ, а каде започнуваат надлежностите на земјите членки, која датира од пред 13 години кога ЕЦБ стана главен монетарен чувар на блокот.
Прашањето за рамнотежа меѓу политиката и централната банка има две лица. Од една страна, според владите на земјите членки, тоа е неопходно за да се спречат евентуални пречекорувања во надлежностите од страна на Банката, додека за ЕЦБ тоа е обид за политичко мешање во нејзините ингеренции.
Според експертите, спорот околу дигиталното евро е помалку техничко прашање, а повеќе „битката за моќ, бидејќи тоа не е само монетарна алатка, туку и поширок инструмент за финансиски услуги што може да го преобликува начинот на кој Европејците ги вршат секојдневните плаќања.