Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во гостувањето на „Вин-Вин“ кажа дека уште пред да се формира Владата знаела во каква состојба е буџетот.
Ќе имаме зголемен процент на јавниот долг, БДП оваа година ќе биде меѓу 2,1 и 2,5 проценти, наместо проектираните 3,4 отсто. Ќе ги пуштиме нозете, колку што ни е долга чергата“ изјави министерката.
„Податоците од првиот квартал, па и движењата до крајот на јуни, јасно покажуваат дека годинава нема да ја завршиме со проекцијата на БДП од 3,4 проценти, туку дека тие би се движеле меѓу 2,1 и 2,5 проценти, барем врз основа на податоците со кои досега располага Министерството. Бидејќи нема простор каде да намалуваме на расходната страна, оти има многу расходи кои не биле планирани или износи, ќе релоцираме дел од нив. Целта е да не ги менуваме износите планирани на расходите и на приходите, со цел во апсолутен износ, планираниот буџетски дефицит да не го менуваме. Меѓутоа, како процент од бруто-домашниот производ, секако, ќе имаме пораст на буџетскиот дефицит, кој најверојатно ќе биде поголем од 3,8 проценти. И поголемо загрижување кај јавниот долг, кој што како процент од бруто-домашниот производ ќе бележи поголем раст, зголемен процент на јавен долг, повеќе од тие 62,1 процент. Сега имаме 62,1 отсто на проектиран БДП од 3,4 проценти. Кога ќе го намалиме, јасно е дека тој долг ќе биде поголем“, објасни министерката.