Иницијативата „Отворен Балкан“ донесе уште една голема придобивка за нашите граѓани, како и граѓаните од трите соседни држави. Во време на глобална економска и енергетска криза обезбедена е храна за очекуваната најтешка зима по Втората светска војна со взаемна помош, истакна на денешната прес-конференција, Трајан Димковски, член на Комисијата за земјоделие на СДСМ.

„Со потпишување на договор создадени се и правните механизми, нема да има прекин во снабдувањето со храна меѓу земјите, што е од исклучително значење во време на најголема криза. Со него се гарантира дека ќе се обезбедат стратешки култури, како пченица, пченка, јачмен, млеко, месо, ориз, зејтин, во доволни количини за граѓаните на овие три земји. Политиките на СДСМ во една од нашите клучни гранки, земјоделството, даваат реални резултати. Домашното производство на стратешки култури го стабилизираме и го зголемивме“, вели Димковски.

Како партнери на земјоделците, додава тој, даваме силна и директна финансиска поддршка на секој земјоделец. За над 45.000 земјоделци се обезбедени 3,2 милијарди денари или над 50 милиони евра.

„2022 година е година во која државата до денар ги расчистува долговите према земјоделците, што не се случило цели 16 години. Но, и година во која за прв пат започнува авансна исплата на субвенциите. Со оваа мерка земјоделците ќе можат веднаш по аплицирањето да добијат до 30% од вкупната вредност на финансиската поддршка. Оваа година со авансна исплата започнуваме за субвенциите кон овоштарите, за што обезбедивме 150 милиони денари, а веќе од следната година авансна исплата добиваат сите земјоделци“, појаснува членот на Комисијата за земјоделие на СДСМ.

Дополни дека ќе следи поддршка и за есенската сеидба со дополнителни 500 милиони денари, нови средства за Интервентната програма.

„Граѓаните треба да бидат спокојни, ќе биде тешка зима но криза за храна и основни продукти нема да има, а земјоделството ќе продолжиме да го развиваме во интерес на сите земјоделци и сите граѓани“, уверува Димковски.