Караванот на економскиот дипломатски кор продолжува со посетите на слободните економски зони. Целта на ваквите активности се нови инвестиции во земјава и отворање нови работни места. Дипломатите покажаа интерес за економските зони и ги разгледаа можностите за инвестиции во одредени општини. Заменикот-министер за надворешни работи, Фатмире Исаку, вели дека ги промовираат реоните за кои сметаат дека се погоди за инвестирање.
-Почнувајќи од општина Кичево ќе продолжиме со општина Охрид и Струга, промовирајќи ги реоните каде може да се направат странски инвестиции. Нормално дека ќе имаме компании кои ќе ги претстават нивните компании пред дипломатскиот кор, а кои промовираат разни места во РСМ, вели Исаку.
Директорот на Биро за регионален развој, Рамиз Реџепи, рече дека ефектот од овие посети се очекува по една година.
-Мислам дека ефектот од овие посети ќе се види многу брзо, согласно економската криза која ја имаме не само ние како држава, туку и на светско ниво. Мислам дека ефектот ќе се одрази најдоцна за една година, вели Реџепи. Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари рече дека е подготвен да ги поздрави странските инвестиции, укажувајќи им на потребите на градот.
-Подетално од оваа средба, а потоа и во конкретниот случај, посетата на економската зона, нудиме и им ги претставуваме можностите за инвестирање во нашиот град, вели Дехари.
Дипломатскиот кор предводен од неколку амбасадори ќе посети 7 општини за одблизу да ги извидат економските зони, досегашните, како и странските инвестиции кои во иднина би можеле да влезат во овие градови.