Директорите секој месец земаат плати. Задругите во државата не функционираат – изјави з Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица…
Земјоделските задруги во државата никако да профункционираат. И покрај тоа што се покажаа задругите како успешен модел на здружување на земјоделците во целиот свет, во Македонија постојат само на хартија. Кај нас, директорите земаат плата секој месец, а задругите не функционираат, велат земјоделците. И експертите се согласуваат дека во практика нема ништо од земјоделските задруги, кои требаше да обезбедат заеднички пристап во производството и заеднички пласман. Во земјава има само околу 50 задруги, додека во Европа еден земјоделец е член во три или во четири задруги.
-Заканите од климатски промени, проблемите со недоразвиеноста на земјоделството, како и грешките што се правени во изминатиов период, може да се решат со здружување на земјоделците, односно со формирање земјоделски задруги. Mинистерството за земјоделство, општините, регионалните центри на планските региони и самите задруги го немаат положено испитот, бидејќи во земјава има само околу 50 задруги – изјави Ѓорѓи Арнаудов, претседател на Мрежата на земјоделски задруги.
Земјоделските експерти се согласуваат дека нашата земја мора да се приближи кон европските трендови, а едно од решенијата во земјоделството е задругарството, со цел да опстои производството, но и да се надминат проблемите со пласманот, како и со цените на производите.
-Задругите што постојат во државата, не го оправдаа своето постоење. Тие требаше да претставуваат најголем облик на здружување на земјоделците, односно да обезбедат заеднички пристап во производството (застапеност на една сорта на иста површина) и заеднички пласман. Но, досега ништо не се направи од сето тоа, освен што директорите секој месец земаат плати. Задругите во државата не функционираат – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица.
Тој вели дека земјоделците сами се снаоѓаат и при производството и при пласманот на земјоделските производи.
-Институциите треба да проверат зашто не функционираат задругите. Државата досега даде многу пари и вложи многу труд за развој на земјоделските задруги, но ситуацијата на терен е поинаква. Задругите не ја вршат функцијата за која се формирани – додава Велков.