Дениз Кoутс, директорка на британската онлајн обложувалница Bet365, оваа година заработи 323 милиони евра и стана најплатен менаџер на некоја британска компанија, објави BBC.
На ко-основачката на Bet365 исплатени и се 266 милиони евра плус дивиденда.
Повеќе пари добила поради растот на приходите на компанијата, и тоа во време кога индустријата се соочува со критики поради обложување на малолетни деца, наведува BBC.
Сопственици на компанијата се Коутс и членовите на нејзиното семејство, вклучувајќи го братот Џон кој е главен извршен директор и таткото Питер, претседател на Надзорниот одбор.
Коутс завршила студии по економетрија на Универзитетот во Шефилд, по што се вработила во компанијата на татко и.
Според истражувањето на универзитетот Кардиф објавено во октомври, две петтини малолетни Британци на возраст од 11 до 16 години се коцкале во изминатата година.
Научниците посочуваат дека тоа е загрижувачки факт, бидејќи повеќето форми на комерцијално обложување се забранети на оние под 18 години.
Во Bet365 велат дека се „посветени на обезбедување на највисоко ниво на заштита на играчите во индустријата“ и дека „ќе престанат со соработката доколку сметаат дека ризикот е премногу голем“.