Извршниот директор на „Дојче банк“, Кристијан Зевинг денеска ги повика Германците да работат повеќе за да помогнат во обновувањето на германската економија, велејќи дека просечната работна недела во Европската унија е околу 34 часа, споредено со околу 28 часа во Германија.

„Инвеститорите веќе се сомневаат во нашата способност за реформи, но особено во нашата способност и нашата волја за реформи. Поголем раст во Германија ќе дојде само ако го промениме и нашиот однос кон работата, ако сме подготвени да работиме поинаку, но генерално да работиме повеќе и повеќе“, рече Зевинг, пренесува „Политико“.

Зевинг рече дека Германија треба да прифати подолги работни недели.

„Нема во тоа да успееме со просечни 28 часа неделно и пензија која почнува на 63 години“, рече тој и изрази загриженост за резултатите од регионалните избори во Тирингија и Саксонија, каде екстремно десничарската партија АфД заврши на првото место и второто место.

„Жалам за силниот прилив на поддршка за партиите со екстремни позиции и, како и повеќето од нас, би сакал поинаков исход“, истакна Зевинг, додавајќи дека политичката нестабилност во земјата ќе ја намали атрактивноста на Германија како инвестициска дестинација.