Дизел горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат од половина до еден денар по литар, а цената на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,46 отсто.
Малопродажната цена на Еуродизел (Д-Е V) се зголемува за половина денар и ќе изнесува 71 денар за литар, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за еден денар и ќе изнесува 70,5 денари за литар. Цената на Еуросупед БС-95 и натаму останува 76,5 денари, а Еуросупер БС-98 ќе продолжи да се продава за 79 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,058 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 45,823 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 0,841 отсто и кај мазутот за 0,485 отсто, додека кај дизелот има зголемување за 1,628 отсто, а кај Екстра лесното масло за 1,794 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во споредба со претходната пресметка е повисок за 0,5411 отсто.