За два денари ќе поскапат дизел горивото и маслото за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) од ноќеска на полноќ, а ќе нема промена кај цената на бензините и мазутот, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
Новата цена на литар дизел гориво ќе изнесува 73,50 денари, а 72,5 денари ќе чини литар Екстра лесно 1. Моторниот бензин Еуросупер БС-95 и натаму ќе се продава по 80 денари за литар, Еуросупер БС-98 за 82 денара, а килограм мазут М-1 НС 43,639 денари.
Со одлуката на РКЕ се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,13 проценти во однос на вчерашната одлука.
„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,951 процент, кај дизелот 4,759 проценти, кај екстра лесното масло за 4,784 проценти и кај мазутот зголемувањето е за 1,060 проценти Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,335 проценти“, наведува РКЕ во образложението за денешната одлука.