Напредок во преговорите меѓу Русија и САД за економските прашања е можен во следните два до три месеци, изјави денеска Кирил Дмитриев, директор на Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), кој учествува на руско-американските преговори во Ријад, пренесе ТАСС.

Русија, која е подложена на тешки западни санкции поради инвазијата врз Украина, изрази очекување за „брз напредок“ во економските разговори со САД што започнаа денеска во Саудиска Арабија.

– Не можеме да откриеме детали, но значаен дел од преговорите се однесува на економијата. Политичките теми секако се присутни, но мојот фокус е инвестиционо-економскиот дел.

Имаме повеќе предлози што ги разгледуваат американските колеги и верувам дека може да има напредок во наредните два до три месеци, изјави Дмитриев.

Пред средбата меѓу руските и американските високи претставници, Дмитриев се сретна со претставници на САД за можноста за обновување на економската соработка.

Во интервју за Си-Ен-Ен, тој ги пофали претставниците на администрацијата на Доналд Трамп како одлични преговарачи.

Мислам дека претседателот Трамп е исклучително добар во решавање на проблеми, рече тој.

Дмитриев негираше дека целта на Москва е укинување на санкциите, нагласувајќи дека „изградбата на мостови меѓу САД и Русија е од клучно значење за светот“.