Deutsche Bank објави дека минатата година ја регистриралa првата нето добивка од 2014 година.
Добивката од 341 милиони евра за 2018 година е под консензусот на аналитичарите на пазарот, бидејќи економистите во анкетата на Reuters предвидуваа дека ќе изнесува 461 милиони евра.
“Нашето враќање на патеките на профит покажува дека Deutsche Bank е на вистинскиот пат. Сега нашиот приоритет е следниот чекор – во 2019 година не само да заштедиме на трошоци, туку и инвестициите да ги насочиме кон раст. Целта ни е значително да ја зголемиме профитабилноста во тековната година и понатаму“, изјави главниот извршен директор Кристијан Севинг.
Нето приходите изнесуваа 25 милијарди евра за цела година, а за последниот квартал 5,5 милијарди. Коефициентот на основниот капитал (Tier 1), кој укажува на јачината на банката, падна на 13,6 проценти во 2018 година, во однос на 14 проценти на крајот на претходната година.
Годишните нето приходи во Секторот за инвестициско банкарство паднаа за 8,0 проценти во однос на 2017 година, а пад од 14 проценти забележа и секторот за управување со средства.
Од Deutsche Bank соопштија дека организациониот дел кој се занимава со управување со средства се соочува со „тешки“ услови на пазарот, при што средствата со кој управува паднаа за 5,0 проценти во четвртиот квартал, пренесува Reuters.