Дојче банка објави нето загуба од 832 милиони евра во третиот квартал од 2019 година, што, според CNBC, укажува на тоа дека големиот план за реструктуирање се уште врши притисок врз германскиот заемодавател. Аналитичарите предвидоа загуба од 778 милиони евра пред неколку месеци.

Банката објави вкупно нето приход од 5,3 милијарди евра во третиот квартал во однос на 6,2 милијарди евра претходната година.

Вкупните трошоци беа 5,8 милијарди евра, наспроти 5,6 милијарди евра претходната година, со основниот капитал од Ниво 1 на 13,4 проценти во третиот квартал, што е за 14 проценти повеќе во истиот период во 2018 година.

„Нашите квартални резултати се целосно во согласност со нашите планови. Мислам дека напредуваме со стратешките реформи што ги објавивме во текот на летото, изјави Џејмс фон Молтке, главен финансиски директор на Дојче Банк, за CNBC.

„Нашата нето загуба е малку подобра отколку што е предвидена со внатрешниот план, а нашиот стабилен сооднос на адекватност на капиталот од 13,4 проценти на квартално ниво покажува што постигнавме“, додаде тој.

Проблематичниот германски кредитор се справува со проблемите од светската финансиска криза во 2008 година и последиците од последната криза во долгови на еврозоната. Во последните неколку години, банката се соочи со парични казни, со зголемена пазарна конкуренција, опаѓање на пазарните удели во трговското и инвестициското банкарство и серија измени во управувањето.

Дојче Банк планира да намали 18.000 работни места ширум светот до 2022 година, како дел од сеопфатен план за реструктуирање. На крајот на третиот квартал од оваа година, имаше 89.958 вработени – пад од пет проценти од претходната година.

Акциите на банката опаднаа за 2,0 проценти во утринското тргување и изгубија околу 16 проценти во изминатите 12 месеци, додава CNBC.

 

Забрането превземање на содржината без претходна согласност од редакцијата на БанкоМетар.мк