Македонската влада презеде серија од мерки за заштита на стандардот на граѓаните, преку намалување на даноците за бензините и основните прехранбени производи. Тоа предизвика и огромен финансиски товар, за што веќе се прават и анализите за нов, ребалансиран буџет за 2022 година. Извесно е дека стапката на инфлација, која сега е проектирана на 2,6 отсто, ќе биде многу повисока. Нагорни ревизии на цените на основните суровини се предвидуваат и во најновиот извештај на Народната банка на Македонија.
Нашата земја подолго време се соочува со „увозната инфлација“, поради скокот на цените на суровините и горивата. За 2022 година, оцените за инфлацијата се ревидирани нагоре, при што се очекува поголем раст на цената на пченицата и на пченката. Нагорните движења кај пченицата во најголема мера се должат на загриженоста на инвеститорите за можните прекини во каналите на снабдување од регионот на Црно Море поради напнатата ситуација во Украина, додека кај пченката тоа е одраз на очекувањата за пониско ниво на производство на пченка во Аргентина и Бразил, како што наведуваат од Народната банка.
– Од глобална економска перспектива, треба да ги погледнеме влијанијата на непосреден или краток рок и на среден рок. Во моментов најголемите ризици се од психолошка природа на пазарите на капитал и стратегиските пазари на стоки. Другиот психолошки аспект е инфлациската спирала. Ако оваа криза продолжи и се продлабочи, веројатно е дека контролираната или управувана инфлација може да ги надмине умерените нивоа, па дури и да ги надмине едноцифрените плафони.
На среден рок, економските влијанија и нарушувања може да бидат многу поголеми, бидејќи руско-украинските области се извори на големи ресурси, не само енергија, туку и минерали, храна… – изјави Абдулменаф Беџети, академик и економски експерт.
Според него, напорите за економско закрепнување во текот на 2021 година генерираа релативно високи стапки на економски раст, но сè уште не го покриваа негативниот раст од претходната година. Така, во 2022 година влегуваме со негативен економски резултат во однос на крајот на 2019 година. Времетраењето на војната во Украина ќе биде клучен фактор за економските состојби во Европа и во светот. Доколку има брзо смирување, веќе во 2023 година се очекува пад на цените на прехранбените производи. За 2022 година е извршена нагорна ревизија на цената на нафтата. Ваквата корекција во најголема мера се должи на очекувањата за намалена понуда, во услови на ниски глобални резерви на нафта, намален интерес за инвестирање во нафтената индустрија како резултат на транзицијата кон обновливите извори на енергија, како и на присутните геополитички тензии. Инфлаторната спирала во земјата ја поттикна и големиот раст на цените и на металите – што веќе повлече и раст на цените на недвижностите, покажуваат анализите на домашните макроекономисти.