Првиот повик од Програмата ИПАД 3 се очекува да биде објавен до крајот на август. Со него ќе бидат опфатени мерките 1 и 7, за инвестиции во основни средства на земјоделските стопанства, како и за инвестиции во рурален туризам, диверзификација на фарми и поддршка на микро бизниси.
Повикот ќе „тежи“ над 20 милиони евра и ќе трае 45 дена, со продолжување од две недели.
Заедно со последниот ИПАРД 2 повик проектиран на 8,8 милиони евра, што беше објавен на 4 август, на располагање во земјоделството ќе бидат ставени околу 30 милиони евра само преку ИПАРД.
-Први го почнуваме ИПАРД 3, пред која било земја во регионот. Сите одобренија за Северна Македонија за старт на ИПАРД 3 се завршени. Минатиот петок стигна одлуката од Брисел за скратена постапка за акредитација на мерките 1, 3, 7 и 9. Практично, за сите постојни мерки од ИПАРД 2 добивме реакредитација. Тоа значи дека веќе влегуваме во процесот, поради што очекувам првиот повик од ИПАРД 3 да биде до крајот на август, вели министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Според него, деновиве се очекува да биде потпишана и финансиската спогодба која ги распределува вкупните средства по мерки и години.
Вкупниот кофинансирачки дел на ИПАРД 3 ќе биде 120 милиони евра од кои 97 милиони евра се неповратни средства од ЕУ.