Од следната недела УЈП ќе почне да исплаќа пари како поврат на персоналниот данок за земјоделците.
На сметките на околу 17 илјади земјоделци ќе легнат околу 80 милиони денари за персонален данок, пари што им ги задржувале откупните центри во текот на 2018 година.
Сите оние кои земјоделството им е основна дејност а оствариле приходи по овој основ не поголем од милион денари ќе си ги добијат парите од персонален данок најдоцна до нова година. До лани земјоделците беа ослободувани од плаќање персонален данок но од оваа година наместо ослободување се врши поврат на задржаните 2% при откуп на сите земјоделски производи.
Услов за УЈП да изврши исплата на персоналниот данок е земјоделецот да нема други приходи.
Земјоделците кои имаат приходи во текот на годината над милион денари задолжително ќе мора да се регистрираат како индивидуални земјоделци, трговец поединец или како правно лице.
Ако приходите надминуваат два милиони денари тогаш ќе мора да се регистрира и како ДДВ обврзник а и министерството смета дека потребно е и прагот од милион денари за пререгистрација треба во иднина да се помести на 2 милиони денари.