Работењето на Групацијата Триглав изминатата година беше добро и во согласност со зацртаните стратешки насоки, се наведува во првата информација за работењето во 2017 година, која што врз основ на неревидирани податоци ја објави Групацијата.
Добивката пред оданочување изнесуваше 84,4 милиони евра, што е над планираната (помеѓу 70 и 80 милиони евра). Групацијата веќе трета година по ред остварува раст на премија и тоа овојпат од 7%, обезбедувајќи на тој начин милијарда евра бруто полисирана премија од осигурување и соосигурување (што е повеќе од планираните 930 милиони евра). На работењето на Групацијата Триглав во 2017 година влијаеа вонредните временски случувања, коишто предизвикаа штети во износ од 33,5 милиони евра, што е 59% над просекот во последните пет години. Групацијата Триглав неповолните штетни настани успешно ги надокнади со високиот раст на премија и добриот надзор на трошоци. Приносот од инвестициите се намали, но помалку од очекуваното. Комбинираниот коефициент на Групацијата Триглав остана на поволно ниво од 93,9%. Во 2017 година двете агенции за кредитен рејтинг S&P Global Ratings и A.M. Best на Групацијата и дадоа висок кредитен рејтинг A и стабилна среднорочна прогноза.
Добивката на Групацијата над планираната
Групацијата Триглав, според неревидираните податоци, оствари 84,4 милиони евра добивка пред оданочување, а планирано беше помеѓу 70 и 80 милиони евра. Матичното друштво 2017 година ја заврши со добивка пред оданочување во висина од 73,8 милиони евра. Профитабилноста на капиталот на Групацијата Триглав изнесуваше 9,3%, додека пак на матичното друштво 11,0%.
Влијание на вонредните временски настани
Во глобални рамки, 2017 година се карактеризираше со катастрофални штетни настани. На Групацијата Триглав, лошите временски услови исполнети со олуи, град, мраз, орканот Ирма, поплавите и олујните ветрови ѝ предизвикаа штети во висина од 33,5 милиони евра, што е 59% над просекот на Групацијата во последните пет години (22% над десетогодишниот просек). Фактурираниот бруто износ на штети беше 6% повисок, споредено со минатата година, што допринесе кон намалување на коефициентот на штети за два процентни поени. Групацијата Триглав неповолниот учинок на штетни настани успешно го надокнади со високиот раст на премија и со добриот надзор на трошоците, а влијаеа и приносите од инвестициите, кои што паднаа помалку од очекуваното.
Заедничката премија достигна 1 милијарда евра
Групацијата веќе трета година по ред остварува раст на премија, која што во 2015 и 2016 година изнесуваше 3%, односно 2%, а минатата година достигна дури 7%. Бруто полисираната премија од осигурување, соосигурување и реосигурување, според неревидираните податоци за 2017 година, изнесуваше 1 милијарда евра, а планирано беше околу 930 милиони евра. Раст на премија е остварен во трите премиски групи. Кај осигурувањето на имот, кое што е најголемата премиска група, растот изнесуваше 7%. Групацијата реализираше висок 13% раст на премија кај здравствените осигурувања, додека пак кај премијата од осигурувањата на живот, и покрај високото доживување на осигурителните полиси, растот изнесуваше 3%.
Работењето на поединечни пазари
Групацијата Триглав во 2017 година работеше во поповолно макроекономско опкружување, и тоа, како во Словенија, така и во регионот. Тоа доведе до видливо закрепнување на пазарите на осигурување на Групацијата Триглав во регионот, но условите сеуште се тешки поради острата конкуренција. Сите 13 осигурителни друштва на Групацијата Триглав нудат доследни и комплетни услуги, со фокус на клиентите и со висок стандард. Активно ја развиваат внатрешната и надворешната продажна мрежа и стратешки одредените развојни активности.
Во согласност со стратешките насоки за раст и развој, Групацијата Триглав постепено го зголемува уделот на бруто полисирана премија од осигурување надвор од Словенија. Во 2017 година се бележи раст на уделот од 0,4 пороцентни бода, достигнувајќи 17,7%. Уделот во заедничката бруто полисирана премија од словенечкиот осигурителен пазар изнесува 76,8%, додека уделот на премијата од глобалното реосигурување изнесува 5,5% во структурата на вкупната премија. На сите поголеми пазари на Групацијата Триглав реализиран е раст на премија. На словенечкиот пазар тој раст изнесуваше 6%, што е во согласност со растот на пазарот. Раст на премија остварија сите три словенечки осигурителни друштва во Групација Триглав. На пазарите надвор од Словенија просечниот раст на премија изнесуваше дури 10%. Највисок, и тоа 27%, се бележи во Србија, во Хрватска изнесуваше 9%, во Босна и Херцеговина 7%. Во Црна Гора премијата остана на ниво на претходните години, додека пак на македонскиот пазар, којшто претставува 2% од вкупната премија на Групацијата, се спушти за 1%.
Приносите од инвестициите пониски, но над очекуваните
Според неревидираните податоци, приносите од инвестициите на Групацијата Триглав, доколку се исклучат приносите од инвестициите на осигурениците на живот, кои превземаат инвестиционен ризик, се 4% пониски споредено со 2016 година. Приносите имаа пад, но помал од очекуваниот, а одредени влијанија имаа и одредени еднократни настани, како што се реализираните капитални добивки. Инвестиционата политика на Групацијата Триглав во 2017 година остана неизменета. Групацијата Триглав активно ги прилагоди уделите на поедините инвестициони рангови, но со тоа не ја измени суштински структурата на вложувачкото портфолио.
Добар надзор над трошоците
Вкупните бруто оперативни трошоци на Групацијата Триглав намалени се за 1% во споредба со минатата година. Поради интензивните продажно-маркетиншки и стратешки развојни активности, се зголемија оперативните трошоци во делот за осигурување, но нивниот раст заостана зад растот на премија. Уделот на трошоци во бруто полисираната премија се намали за 0,5 процентни поени, на 24,8%.
Поволен комбиниран коефициент
Влошувањето на штетниот коефициент беше ублажо со подобрувањето на расходниот коефициент, па поради тоа вредноста на комбинираниот коефициент е на поволна висина од 93,9%. Планираната вредност изнесуваше околу 95%, што е воедно и негова долгорочна просечна целна вредност.
Финансиска стабилност, висок кредитен рејтинг
Стабилната водечка позиција на пазарот во Словенија и во регионот, профитабилноста и безбедното работење, како и финансиската стабилност на Групацијата Триглав беа потврдени од двете агенции за кредитен рејтинг, S&P Global Ratings и A.M. Best. Во 2017-та година повторно на Групацијата Трилав и дадоа висок кредитен рејтинг »A« и стабилна среднорочна прогноза. Високото ниво на финансиска стабилност на Групацијата Триглав го потврдува и целокупниот капитал, којшто е зголемен за 2% (756,6 милиони евра), како и растот на бруто техничките резерви на Групацијата Триглав за 3% (2.732,2 милиони евра). Обете категории се гаранција и основ за врамнотежено работење и обезбедување на долгорочна безбедност на осигурениците на Групацијата Триглав.
Лидер во Словенија и во регионот Адриа
Групацијата Триглав цврсто стои на водечкото место во регионот Адриа (20-постотен удел), а таа позиција ја задржува и на својот најголем пазар, словенечкиот (36-постотен удел). Во 2017 година ја подобри својата позиција на хрватскиот и на српскиот пазар, а на другите пазари воглавно ја сочува позицијата, односно го задржа пазарниот удел од претходната година. Групацијата Триглав останува стратешки фокусирана на своите постоечки пазари, кои што активно ги развива. Својата позиција ја јакне со органски раст, но не исклучува евентуални превземања, доколку приликите го овозможат тоа. Во 2017 година Групацијата, со основање на ново осигурително друштво, влезе на македонскиот пазар на осигурување на живот, додека пак на пазарот во Босна и Херцеговина прва понуди доброволно пензиско осигурување. Со ко-основање на друштвото Тригал постави регионална платформа наменета за инвестирање во алтернативните вложувања.
Најважни активности во домен на развојот во 2017 година од аспект на стратегијата до 2020
Групацијата Триглав, во својата стратегија 2017-2020, го трасира својот пат во насока на современа, иновативна и динамичка осигурително-финансиска групација, која цврсто стои на водечката позиција во Словенија и пошироко, во регионот. Во првата стратешка година активно ги реализира сите пет насоки од својата стратегија. Тоа се севкупните односи со клиентите, дигитализација и внатрешно преструктуирање на работењето, ефикасно управување со имотот, развој на современа култура и ангажирани кадри, како и зачувување на профитабилноста во работењето и зголемување на вредноста на Групацијата Триглав.
Клиентите се во центарот на сите активности на Групацијата Триглав
И во 2017 година осигурителните друштва на Групацијата Триглав понудија нови и подобрени производи, кои што беа дополнети со асистентски услуги. Врз основа на пристапот на мултиканална продажба, на сите пазари ги јакнеа алтернативните продажни канали, како што се банки, лизинг компании и туристички агенции, како и веб и мобилна продажба. Во секторот ликвидација на штети Групацијата Триглав развива нови технолошки и процесни подобрувања, кои што се последица на сѐ поголемата дигитализација и воведувањето на мобилните услуги. На ниво на Групацијата почнаа да се спроведуваат опсежни активности за воспоставување на напредно, комјутеризирано и иновативно работно опкружување на Групацијата. Во развојните активности Групацијата соработува со стартапи, акцелатори и воведува нови форми на партнерска соработка.
Претседателот на Управата на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, за ова изјави:
“Во 2017 година постигнавме добри резултати, а нашиот деловен резултат е повисок од планираниот. Високиот раст на премија, добриот надзор на трошоците и помалиот пад на приносите од инвестиции од очекуваното, позитивно вилјаеа на нашето работење во оваа година, која што изобилуваше со штетни настани. Покрај тоа, ја сочувавме водечката позиција на пазарот во регионот и финансиската стабилност, за што е потврда високиот кредитен рејтинг A, со стабилна среднорочна прогноза. Изминатата година беше прва за новата стратегија, со која што сакаме нашата групација со 118-годишна традиција да ја прилагодиме кон предизвиците на иднината. Сите развојни активности, зацртани во пет правци од стратегијата, почнавме интензивно да ги спроведуваме. Во некои области резултатите се веќе видливи, додека кај потешките проекти поставивме добри темели за продолужвање со работата. Ние сме тим од повеќе од 5 илјади вработени во шест држави, поврзани со исти вредности, визии, начин на работа и цели. Со заеднички сили, сите и натаму ќе настојуваме успешно да ги остваруваме”.