Граѓаните велат дека изминатава недела забележале повисоки цени во маркетите. Но, сепак ја поздравуваат одлуката за донесување на владината мерка…

Цените на производите во есенската кошничка нема да се намалат, туку ќе се ограничи бруто профитната маржа. Изминативе години со растот на инфлацијата минималната потрошувачка кошничка на едно четиричлено семејство надмина 1.000 евра.

79-годишната пензионерка Душка Саздова пред камерата на МТВ вели – со вакви цени едвај се преживува од месец на месец. Годинава не може ни зимница да направи бидејќи и зеленчукот и овошјето се скапи.

„Цените беа пристапни, со дедото со две пензии и на одмор сме оделе, а сега не можам на внучињата ниту едно чоколадо да им купам“, вели пензионерката Саздова.

Граѓаните велат дека изминатава недела забележале повисоки цени во маркетите. Но, сепак ја поздравуваат одлуката за донесување на владината мерка.

„Цените се покачени, човек со една пензија не може да преживее. Ќе видиме како ќе биде.“

„Цените сега ги покачија, и после што ќе направат. Пет до 10 проценти ќе ги намалат-што е тоа, ништо не е.“

„Ако е за 10 проценти како што кажуваат со маржата, може да има поевтинување, но сега е огин скапо.“

„Не ми се верува дека ќе се намалат цените“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Од Организацијата за потрошувачи апелираат граѓаните да пријавуваат измами. Околу есенската кошничка се на став дека тоа е еден чекор напред.

„Не сме вклучени во дискусијата, меѓутоа ние секогаш сме биле за намалување на маржите, особено во ова енормно покачување на цените кога ние како потрошувачи сме затечени и ја намалуваме нашата домашна потрошувачка, што фактички влијае на целата економија“, вели Маријана Лончар-Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Мерка за есенската потрошувачка кошничка опфаќа 100 прехранбени производи. Одлуката за мерката се очекува да биде донесена на следната седница на владата.