Изминативе месеци просечната плата во земјава се намалува и останува најниска во регионот, додека во другите држави се прават напори за раст на платите.

Федерацијата Босна и Херцеговина носи пакет на закони и мерки со кои минималната плата ќе биде речиси двојно зголемена, од 310 на над 600 евра, додека во Македонија се забележува постепено намалување на просечната плата, а Владата одбива да размислува за зголемување на миминалната.

Минималната плата во земјава останува 22.657 денари, а Владата не го прифати предлогот на опозициската СДСМ за покачување на минималната плата за 12 отсто, односно на 27.700 денари или 450 евра.

„Со измените, предвидуваме минималната плата да се покачи на 27.700 денари, што претставува пораст од 12,3%. Со ова, не само што ќе обезбедиме финансиска стабилност на работниците, туку и ќе влијаеме на порастот на просечната плата, што ќе има позитивен ефект врз секое семејство во државата. Методологијата за усогласување на минималната плата со порастот на трошоците за живот и просечната плата останува и понатаму како дел од овој закон, со тоа ќе обезбедиме сигурен и постојан раст на приходите на граѓаните“ рече претседателот на СДСМ Филипче на прес-конференција во Собранието кога пратеничката група на оваа партија ги предложиме измените и дополнувањата на Законот за минимална плата.

Сепак, ваквиот предлог беше одбиен од ВМРО-ДПМНЕ, кои велат дека владините мерки даваат резултат, иако во последните месеци минималната синдикална кошничка не се намалува, додека се намалува просечната исплатена плата во државава.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе го чекаат системското усогласување на минималната плата, донесено од претходната влада, кога во март се усогласува платата со трошоците на живот.