Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска додели договори за поддршка на манифестации за промоција на домашни земјоделски производи.

Како што рече Николовски, дел од манифестациите што се поддржуваат се традиционални, а дел прв пат се организираат.

-Се надевам дека ова ќе биде поттик за сите производители за промоција на се што е македонско и што е наша традиција, истакна Николовски, додавајќи дека институциите се тука за да поддржат идеи и да обезбедат инструменти.

Земјоделскиот сектор, потенцира министерот, е збир на многу активности, на брзи, интервенти одлуки, но и на моменти кога треба да се потсетиме какво богатство имаме. Нашите производи се врвни, медот, вината, ајварот, слатката, маџунот, се добитници на бројни награди.

-За вакви настани вреди секој денар одвоен од буџетот на граѓаните. Со средства од буџетот на Министерството ќе се одржат локални настани со силен промотивен карактер, со најразлични теми и скоро во сите региони во државава. Ќе поддржиме манифестации, саеми и фестивали со кои се промовираат македонски земјоделски производи: мед и пчелни производи, разни видови на сирења, млеко, вино, органски производи и традиционални специјалитети, промоција на домашни автохтони раси, промоција на еко туризам и на биодиверзитетот, како и манифестации за промоција и зачувување на традиционалните вредности, напомена Николовски.

„Поречки фармер“, „Кратовска компиријада“, „Вкусот на Буково“, „Тиквешки Вински салон“, „Валандовска ракијада“, „Преспански јаболкобер“, „Мариово – оаза за органска храна“, „Фестивал на младо вино“ во Кавадарци, „Фестивал на млеко“ во Прилеп, „Фестивал на биодиверзитет“ во Скопје, „Фестивал на медот“ во Тетово, „Форест фест“ во Берово, „Меден Радовиш“, Фестивал на жетвата во Новаци, „Компиријада“ во Ново Село, „Жетварски обичај“ во Конче, се само дел од околу 50-те манифестации што ќе бидат поддржани.

Пред доделувањето на договорите, Дритон Дикена, пчелар кој традиционално добива поддршка за промоција на македонскиот мед, рече дека земјава има многу квалитетни производи со кои знае да го осви светот, но поддршката од МЗШВ што се одвојува не е доволно искористена.

-МЗШВ ни дава доволно средства, но не ги користиме доволно. Треба уште заеднички да работиме. Имплементирајќи стандарди низ повеќе компании, видов земјоделци кои се претставуваат како намачени, но и многу кои го освоиле светот со своите пороизводи. Се е до нашата перцепција. Како ние ги гледаме овие манифестации, така не гледа и светот. Иако овие манифестации се локални, нека звучат глобално. Светот треба и мора да не слушне, истакна Дикена.