Минатиот викенд (17-ти и 18-ти декември), во Ниш-Србија, беа прогласени победниците од Академијата за социјално претприемништво која се спроведе во рамки на прекуграничниот проект „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“. Вкупниот фонд од 15 000 евра за награди во опрема и услуги се додели на 6 македонски и српски социјални претпријатија кои треба да ги развијат своите мали, одржливи бизниси/бизнис идеи. Социјални претпријатија кои ќе добијат поддршка во рамки на проектот се:

ЦИП-ЦЕНТАР ЗА ИНТЕГРАЦИЈА И ПОДДРШКА (SIEC)- ќе вклучуваат млади и жени Ромки во производство на ранци направени од материјален вишок од фабриката за мебел “Биростил”- Скопје. Наградата ќе служи за набавка на машини за шиење со кои понатаму ќе се пружаат и обуки.

Countryside Retreat од с. Опила, Ранковце преку наградата ќе набави четирицикл, приколка и култиватор со кои ќе се собира трева и ќе се произведува компост и биохумус добиен од коњското ѓубре од спасените коњи и магариња на ранчот. Дополнително, со опремата ќе се помага во расчистување на дворови и полиња на повозрасните соседи и ќе се нудат прошетки за лица со физичка попреченост на ранчот.

Социјално претпријатие Раданска РУЖА доо Лебане од Србија ќе ја искористи наградата за набавка на маси и садопери, опрема која ќе им овозможи да вработат повеќе жени од маргинализирани заедници и да ја унапредат својата работа.

Фросина Лазаревска од Старо Нагоричане преку наградата ќе набави зелена тракторска косилка која е потребна за одржување на имотот на кој, заедно со тимот, одгледуваат еколошко овошје, зеленчук и јајца.

Здружението „Среќотворци“ од Скопје ќе ја инвестира наградата во продукција на нови магионичарски претстави преку кои ќе се едуцираат децата, но и нови публики, за општествено корисни теми како селекција на отпад и ментално здравје.

Биљана Кироска од Скопје со наградата ќе набави дел од опремата потребна за подготовка на намази за јадење приготвени од свежи и живи суровини (без термичка и хемиска преработка). Под брендот „Размази.се“ ќе се развива идеја за социјално претпријатие кое ќе промовира холистички начин на живеење.