На меѓународните валутни пазари доларот и минатата недела се најде под притисок на пораките на претставниците на ФЕД кои изнесуваат дека нема да се брза со зголемувањето на каматните стапки, додека јапонската валута зајакна бидејќи инвеститорите бараат посигурно прибежиште за својот капитал.
Девизниот курс на доларот во однос на јенот минатата недела падна за 3,3 проценти на 108,05 ¥, што е најниско ниво од октомври 2014 година.
Доларот ослабе и во однос на еврото за 0,1 проценти на 1,1399 $, а во еден момент достигна и 1,1454 $ најниско ниво во последните шест месеци. Еврото во однос на јенот ослабна за 3,2 проценти на 123,20 јени.
Американската валута е под притисок веќе 10-ина дена, откако претседателката на ФЕД Janet Yellen изјави дека треба да бидат претпазливи со зголемувањето на каматните стапки како резултат на несигурноста во глобалната економија.
Доларот е под притисок поради тоа инвеститорите бегаат од ризични инвестиции, со оглед на неизвесноста во глобалната економија.
И како што инвеститорите бараат побезбедно прибежиште за својот капитал, минатата недела зајакна јапонскиот јен, кој традиционално се смета за безбеден рај во неизвесни времиња.
Од почетокот на годината јенот во однос на американскиот долар зајакна за 10 проценти, а само минатиот четврток скокна за повеќе од два проценти.
Затоа, јапонскиот министер за финансии Taro Aso во петокот предупреди дека брзите промени на девизните курсеви се непожелни и дека Јапонија ќе ги преземе сите неопходни мерки доколку е потребно.
Тоа е реториката со која се служи Токио кога сигнализира можност за интервенција на девизните пазари. Но, тоа засега не го забавува јенот.