Доларот на светските берзи се искачи на највисоко ниво во последните три месеци, по изјавите на влијателен функционер од ФЕД од кои може да се прочита дека постои можност каматните стапки да се зголемат во декември.
Долар индексот се зголеми за дополнителни 0,15 проценти, на 98,135 поени на највисоко ниво во последниве три месеци, откако во средата се зголеми за 0,8 проценти.
Еврото ослабна во однос на американскиот долар и во еден момент се спушти на најниско ниво по повеќе од три месеци од 1,0834 $, поради пораките кои доаѓаат од Европската централна банка (ЕЦБ) за можни дополнителни ублажувања на монетарната политика што е спротивното од пораките од ФЕД.
Доларот во однос на јенот излезе од вообичаениот опсег на движење во последните години 120-121,60 јени и се тргуваше за 121,85 ¥, што е највисоко ниво во последните два месеци.
Влијателениот претседател на огранокот на ФЕД од Њујорк William Dudley изјави дека тој целосно се согласува со оценката на претседателката на ФЕД Janet Yellen дека во декември е можно да се зголемат каматните стапки.
“Ова е силен поттик за доларот со оглед на подобрувањето на изгледите за зголемување на каматните стапки на доларот. Многу од тоа зависи од тоа какви ќе бидат податоците за вработувањето”, изјави Yujiro Goto, валутен аналитичар во банката Nomura.
Економистите очекуваат последниот извештај на американската влада за вработеноста да покаже дека локалните работодавци во септември отвориле 180.000 нови работни места. Goto изјави дека бројките помеѓу 165 и 170 илјади во комбинација со раст на платите ќе го поттикне ФЕД да започне со зголемувањето на каматните стапки во декември.