Доларот во вторникот на меѓународните девизни пазари падна на ново најниско ниво во последните три недели во однос на кошницата валути, бидејќи инвеститорите не очекуваат ФЕД на редовната седница на крајот на овој месец да ги зголеми каматните стапки.
Долар индексот, која ја мери вредноста на доларот кон шестте главни светски валути, падна на 94,539 поени, на ново најниско ниво во последните три недели.
Американската валута ослабна во однос на јенот за 0,3 проценти на 119,63 ¥.
Еврото зајакна во однос на доларот достигнувајќи ново највисоко ниво во последните три недели од 1,1411 $, а по објавувањето на извештајот за економската клима во Германија од германскиот ZEW институт, кој е послаб од очекувањата на пазарот, еврото малку ослабна на 1,1375 $.
Заедничката европска валута во исто време зајакна во однос на британската фунта, на највисоко ниво во последните пет месеци, по извештајот за инфлацијата во септември кој покажува пад на потрошувачките цени во Велика Британија, придушувајќи ги позитивните ефекти од веста за спојување на пиварските гиганти SABMiller и Anheuser-Busch InBev.
Претходно фунтата во еден момент под влијание на вестите на општо прифатениот договор за спојување на овие компании, ‘тежок’ 69 милијарди фунти скокна во однос на доларот на највисоко ниво во последните три недели.
“Поради падот на цените ќе биде тешко да се оправда зголемувањето на каматните стапки во Велика Британија”, изјави Geoff Yu, валутен аналитичар во UBS. Очекувањето на учесниците на финансиските пазари е дека постојат шанси каматните стапки да се зголемат во последниот квартал на 2016 година.