Доларот на меѓународните пазари ослабна во однос на еврото и во однос на јенот откако по повторната девалвација на кинескиот јуан поткопани се очекувањата дека ФЕД, во септември ќе ги подигне клучните каматни стапки.
Еврото во однос на доларот зајакна за 0,8 проценти, достигнувајќи $ 1,11385, највисоко ниво за месец дена. Доларот падна во однос на јенот, за 0,5 проценти, на 124,42 ¥.
Долар индексот во однос на кошницата светски валути се намали за 0,6 проценти на 96,691 ени.
Во фокусот беше повторната девалвација на кинескиот јуан, втор ден по ред, па падна на 6,3306 јуани за долар. По новата одлука на Кинеската централна банка да го девалвира јуанот на меѓународните пазари падна на 6,5888 јуани за долар, најниската вредност од почетокот на 2011 година.
Економистите проценуваат дека главниот мотив се должи на слабеењето на економијата на Кина, особено по падот на извозот во јули за 8,3 проценти. И новите податоци ја потврдуваат слабоста на втората по големина економија во светот, а индустриското производство во јули се зголеми за 6,0 проценти, што е помалку одколку што се очекуваше.
Несигурноста во однос на кинеската економија и девалвацијата на јуанот го поттикна сомнежот за септемвриското очекување за зголемување на клучните каматни стапки во САД.
Девалвацијата на јуанот повторно ги притисна валутите на Австралија и Нов Зеланд, кои се спуштија на најниско ниво во последните шест години и потоа се стабилизираа во близина на вредноста на предходното затворање. Австралискиот долар се тргуваше за 72,97 американски центи, по краткото спуштање на 72,17 американски центи.