Доларот во средата на светските берзи ослабна од највисокото ниво во последните седум месеци во однос на кошницата валути, додека инвеститорите го чекаат објавувањето на записникот од последниот состанок на ФЕД кој би можел да ги зајакне очекувањата за зголемувањето на каматните стапки во САД во декември.
Долар индексот падна на 99,501 поени од највисокото ниво од средината на април од 99,745 поени, кое го забележа еден ден претходно. Во минатите месец дена се зголеми за 6,3 проценти откако шансите за зголемување на каматните стапки во САД во декември се зголемија од 30 на 66 проценти.
Американската валута благо ослабна за 0,1 проценти во однос на валутите засолништа јапонскиот јен и швајцарскиот франк, Еврото во однос на доларот се зголеми за 0,4 проценти на 1,0684 $, отскокнувајќи од најниското ниво во последните седум месеци од 1,0630 $, на кое се спушти ден предходно.
Претходно оваа недела еврото го притиснаа шпекулациите за потенцијалната штета што терористичките напади во Париз може да ја предизвикаат врз економијата на еврозоната. Од поважните вести се издвои најавата на францускиот премиер Мануел Валс дека францускиот буџетскиот дефицит би можел да го надмине целното ниво во ЕУ како резултат на зголемените трошоци за безбедносни прашања по неодамнешните напади.
Очекувањата за понатамошен монетарен стимулс во еврозоната добија дополнителна поддршка од изјавата на главниот економист и член на извршниот одбор на ЕЦБ Петер Прает дека е свесен на постојните неповолни ризици, кои можеби се зголемени по најновите случувања во Париз.