Вредноста на доларот падна втора недела по ред бидејќи инфлацијата во САД се намалува, а шпекулациите дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки веќе во септември се зајакнаа.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела се лизна за 0,8 отсто на 104,08 поени, што е најниско ниво за повеќе од еден месец.

Истовремено вредноста на доларот во однос на европската валута падна за 0,6 отсто, па цената на еврото достигна 1,0905 долари.

Курсот на доларот уште посилно потона во однос на јапонската валута, за 1,8 отсто, на 157,90 јени.

Остриот пад на доларот во однос на јенот веројатно е резултат на интервенција на пазарот, велат трговците, иако јапонската централна банка не го потврди тоа.

Но, монетарните власти веќе подолго време предупредуваат дека ќе интервенираат доколку цената на јенот премногу падне, а до неодамна таа лебдеше на најниското ниво од 1986 година.