Курсот на доларот во петокот ослабе во однос на кошницата валути, во релативно тивкото тргување на меѓународните валутни пазари, инвеститорите се во очекување за нови насоки од состанокот на Г-20 во Шангај.
Долар индексот, кој ја мери вредноста на доларот во однос на другите шест водечки светски валути, падна за 0,1 проценти на 97,368 поени. На слична загуба доларот е и во однос на јенот и се спушти на 112,90 јени.
Најновите превирања на пазарот се централна тема на средбата на Г-20 чии учесници се под притисок да се договорат за заедничка програма на стимулативни мерки за спречување на забавувањето на глобалната економија во нешто полошо.
Но состаноците на Г-20 често ги разочаруваат пазарите, па аналитичарите не гледаат многу причини зошто овој пат би било различно. Повеќето од нив се скептични за шансите за постигнување на каков било договор и кажуваат дека променливоста на девизните курсеви, без јасен тренд, најверојатно ќе продолжи.
Кина е во центарот на вниманието на средбата на Г-20 во светлината на неодамнешната глобална загриженост во врска со забавување на нејзиниот економски раст, политиката за јуанот и општата стабилност на пазарот.