На валутните пазари во раното претпладневно тргување во средата се зголеми вредноста на доларот во однос на кошницата валути, по пораката на американскиот претседател дека нема намера да го смени претседателот на централната банка.

Индексот на доларот, кој ја искажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 99,16 поени, додека вчера во истиот временски пресек од тргувањето изнесуваше 98,45 поени.

Истовремено, курсот на американскиот долар во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 140,15 на 141,95 јени.

Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,1390 долари, додека вчера во истот период изнесуваше 1,1535 долари.

Цените на нафтата, пак, пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево зајакна за 0,80 отсто, на 67,95 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,83 отсто, на 64,20 долари.