Ќе успеат ли Фатмир Етеми и Ацо Дудулоски преку фирмите „ЗСФ-КОМ“ и „Современ дом“ целосно да го преземат „Скопски пазар“ е прашање за кое се заинтересира бизнис-јавноста во земјава откако беше најавено дека двете компании сакаат да ги купат сите акции од „Скопски пазар“ за 6.500 денари по акција.
Промените во сопственичката структура на „Скопски пазар“ траат веќе подолг период откако „ЗСФ-КОМ“ уште во минатата година почна со засилено купување акции од компанијата со што многу брзо стана еден од доминатните акционери.
СЕМЕЈСТВОТО ДАВИТКОВСКИ ГИ ПРОДАДЕ АКЦИИТЕ
„Скопски пазар“ АД Скопје преку Македонската берза на 04.08.2020 година информираше дека преку блок трансакција беа истргувани вкупно 17.532 обични акции издадени од „Скопски пазар“ АД Скопје, по цена од 6.169 денари по акција, во вкупна вредност од 108.165.602 денари.
„Досегашниот акционер Тодорка Давитковска изврши продажба на сите акции што ги поседуваше во „Скопски пазар“ АД Скопје, односно 8.055 обични акции, што претставува 11,36% учество во вкупниот број на обични акции издадени од „Скопски пазар“ АД Скопје и повеќе не е акционер во „Скопски пазар“ АД Скопје.
Досегашниот акционер Сашо Давитковски изврши продажба на сите акции што ги поседуваше во „Скопски пазар“ АД Скопје, односно 7.546 обични акции, што претставува 10,64% учество во вкупниот број на обични акции издадени од „Скопски пазар“ АД Скопје и повеќе не е акционер во „Скопски пазар“ АД Скопје.
Воедно „Лико-проект ДООЕЛ“ се појавува како акционер со над 5% во акционерската структура на Скопски пазар АД Скопје со вкупно 17.532 обични акции или 24,71% од бројот на обични акции со право на глас, односно 20,49% од вкупниот број на издадени акции од друштвото“, информираа тогаш од компанијата.
ОД ТРГОВСКА ВО КОМПАНИЈА ЗА ИЗДАВАЊЕ НА НЕДВИЖНОСТИ
„Скопски пазар“ АД Скопје уште пред промените во сопственичката структура преку Македонската берза извести дека согласно структурата на приходите кои се остварени во 2018 година и соодветното известување во СПД образец како составен дел од поднесување на годишна сметка во Централниот регистар на Република Северна Македонија, на ден 21.03.2018 година со одобрување на годишната сметка од страна на надлежниот регистар е променета претежната дејност на друштвото од трговија на мало во неспецијализирани продавници, претежно со храна, пијалаци и тутун во издавање и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот земен под закуп (лизинг).
„Промената на претежната дејност е регистрирана автоматски и во Трговскиот регистар на Република Северна Македонија“, информираа од компанијата.
ГОЛЕМ ИМОТ
„Скопски пазар“ располага со недвижнини и имот на отворен и затворен простор од неколку десетици илјади квадратни мерки.
„СП Планет“ во населбата Ѓорче Петров во Скопје е објектот вреден 9 милиони евра се простира на површина од 8.843 квадратни метри на четири ката, а располага со 105 места за паркирање.
Трговската дејност, компани јата ја врши преку првиот е-супермаркет во Македонија www.doma.mk.
„Скопски пазар“ управува со 13 зелени и 1 сточен пазар со капацитет од околу 2.900 продажни места-тезги.
Компанијата располага со деловен простор претежно наменет за издавање со вкупна површина од околу 58.000 квадратни метри. Во еден дел од деловниот простор компанијата врши сопствена трговска дејност, а останатиот го изнајмува на други корисници.
Компанијата врши и сопствена угостителска дејност во ресторанот „14“ во Скопје, населба Тафталиџе.
Извор:еМагазин