Македонската економија (бизнис, стопанство) е неопходно да бара излез од постојната ситуација во која е доведено во последниве години. Еден од низата негативни елементи вткаени во тоа е нашата лоша стопанска структура, која „извезува суровини и непреработени производи или едноставно работна рака во вид на лон-услуги“.
Токму овие дејности се најпогодени и сигурно е дека тие дејности повеќе од сигурно дека ќе претрпат големи штети во вид на намален обем на производство, напуштање работници и затварање компании…

Рецесијата во Германија апсолутно влијае на забавување, па и на застој на економијата на Македонија

Германската економија, која беше моторот на ЕУ, во јуни повторно западна во песимизам. Германската економија бележи лоши резултати и ја губи конкурентноста, а германските експерти сметат дека овие податоци се предупредувачки сигнал. Германија со својата отпорност го влечеше целиот регион од многу кризи. Наедно, таа е и најголем трговски партнер на Македонија, а сето тоа укажува дека расте опасноста германската рецесија да влијае на забавување на економијата во Македонија, но и во целиот регион. Периодов се појавува загриженост како економската слабост на Германија ќе влијае на нашата земја, дали зависната македонска економија ќе биде на удар.

Стопанска комора на Македонија: Германската економија повеќе години се соочуваше со слаби економски резултати, што правеше државата досега?!

Од Стопанската комора на Македонија (СКСМ) велат дека германската економија повеќе години се соочува со слаби економски резултати, поради високите трошоци за енергија, слабите глобални нарачки и рекордно високите каматни стапки.
– Таа се бори со стагнација во 2024 година, така што во согласност со проекциите растот на германската економија годинава веројатно нема да надмине 0,5 отсто. Очекувањата на експертите се остварувањата во втората половина од годината да бидат подобри од првата и германската економија да добие одреден импулс во своето закрепнување, при што се предвидува забавување на инфлацијата и зголемување на номиналните плати – истакнуваат од Комората.
Оттаму споменуваат дека случувањата во германската економија како наш најголем трговски партнер имаат импликации врз македонската економија.
– Во изминатата година вкупниот обем на трговска размена со Германија забележа раст од 1 отсто во однос на 2022 година, но тоа се должи на зголемениот увоз, додека македонските компании во 2023 година извезле стоки и услуги за 2 отсто помалку во однос претходната година (во вредност од 3,66 милијарди евра). Трендот на опаѓање на извозот е забележан и во првите четири месеци (јануари-април) од 2024 година, кога е забележан и пад на вкупниот обем на трговска размена со Германија од 3,5 отсто, а извозот во Германија бележи пад од дури 11,5 отсто – посочуваат од СКСМ.
Од Комората велат дека во структурата на нашиот извоз во Германија доминантни производи се катализаторите на носачи со благородни метали, сетови на спроводници за вклучување возила, авиони или бродови, други катализатори и каталитички препарати, табли, плочи пултови, ормани, машини и апарати за филтрирање и за пречистување течности или гасови, делови на седишта и слично, односно доминираат производи што се употребуваат во автомобилската индустрија.
– Исто така, фактот дека сѐ повеќе текстилни брендови од Германија го напуштија македонскиот пазар и инвестираа во земји како Мароко и Египет, каде што има поевтина работна сила, предизвика пад на производството кај некои наши компании на машка и женска конфекција, а со тоа и намалување на извозот во Германија. Истото тоа, во согласност со очекувањата на компаниите, ќе предизвика пад на производството на текстилната индустрија годинава од пет до осум проценти – укажуваат надлежните од Комората.
Според нив, генерално, од динамиката на закрепнување на германската економија ќе зависат и остварувањата на нашите компании и нивниот извоз.

Прогнози – нема, а досега немаше никаков план и програма за да се ублажи ударот од Германија

– Точно е дека германската економија бележи пад и, за жал, во овој момент не можеме да направиме некои прогнози за тоа што ќе се случува во иднина. Војната во Украина, големиот број бегалци што во Германија уживаат социјална заштита, растот на цените на гасот, големата бирократија, влезот на Кина особено со квалитетни и поевтини електрични автомобили, зголемените издатоци за воената индустрија и други случувања многу негативно се одразуваат врз економијата во Германија – објаснува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија.
Како што вели тој, Македонија е многу зависна од случувањата во германската економија, затоа што Германија е наш најголем трговски партнер. Димитров додава дека особено „страда“ производството на стоки за широка потрошувачка, кое е ограничено со намалената побарувачка на овој вид стоки во Германија.
– Се разбира, покрај нив, проблем се јавува и кај производителите на суровини и помошни материјали што ги извезуваат за германската преработувачка индустрија. Во секој случај македонската економија треба да се подготвува за лошо сценарио и да бара излез од постојната ситуација. Барањето партнери од брзорастечките економии е една од можностите и не треба бланко да се отфрли. На сето ова му кумува нашата лоша стопанска структура, која извезува суровини и непреработени производи или едноставно работна рака во вид на лон-услуги. Овие дејности се најпогодени од новонастанатата состојба и сигурно ќе претрпат големи штети во вид на намален обем на производство, напуштање работници и затварање компании – потенцира Димитров.