Јавните претпријатија на централно и на локално ниво, државните фирми и здравството – водечки според висината на доспеаните а неплатени обврски. Според новите податоци од Министерството за финансии, за три месеци, ЈП на локално ниво пријавиле драматично намалување на долговите, но и покрај ваквиот тренд, тие и натаму остануваат високо на листата на должници, пишува Порталб.мк. Долгот кон приватниот сектор надмина 270 милиони евра.
Државните фирми и јавни претпријатија – со најголеми долгови.
Доспеаните а неплатени обврски на општините достигнаа скоро 61,2 милиони евра и во однос на вториот квартал од годинава тие се зголемени за повеќе од 200 000 евра. За три месеци се зголемија и долговите на ЈП на централно ниво и на државните фирми, достигнувајќи ниво од скоро 370 милиони евра или пораст за 42 милиони евра во однос на состојбата на крајот на јуни.
Во групата на субјекти со растечки долгови се и Јавните здравствени установи, на крајот од третиот квартал доспеаните а неплатени обврски изнесувале 77,5 милиони евра со раст од 2,1 милион евра во однос на вториот квартал. Пораст на долговите има и кај “буџетските корисници од прва и од втора линија” во кои спаѓаат министерствата, училиштата, инспекторатите, агенциите и другите институции
III квартал II квартал
Општини 61 174 100 е 60 950 000 е
Државни фирми и ЈП 369 149 000 е 327 222 000 е
ЈЗУ 77 521 000 е 75 396 000 е
Општински ЈП 89 561 000 е 186 060 000 е
Извор : МФ
Споредбената анализа на податоците што ја направи “Порталб” покажува дека главен “фактор” за намалување на вкупниот “внатрешен долг” на ниво на државата се Општинските јавни претпријатија кај кои доспеаните долгови за три месеци се повеќе од преполовени, од 186 милиони евра во вториот – тие се намалени на 89,5 милиони евра во третиот квартал.
Внатрешниот државен долг е по различни основи, но највисоките милионски суми се должат за комуналии, греење, транспорт, набавка на материјали и инвентар, доспеани заеми.
Според податоците од Министерството за финансии, доспеаните а неплатени обврски за комунални сметки, комуникации, греење, транспорт изнесуваат 139,5 милиони евра и иако се со тренд на намалување во однос на вториот квартал , овој вид на долгови остануваат највисоки. По основ на “отплата на главнина до други нивоа на власт” долгот изнесува 88,5 милиони евра а долгот за материјали и ситен инвентар изнесува скоро 74 милиони евра.
Доспеани а неплатени обврски
Комуналии, греење, транспорт 139 502 000 евра
Отплата на главнина до други нивоа на власт 88 500 000 евра
Материјали и ситен инвентар 73 970 000 евра
Плати и придонеси за соц.осигурување 5 000 000 евра
Договорни услуги 54 212 000 евра
Извор : МФ
По основ на плати и придонеси за социјално осигурување, долгот изнесува речиси 5 милиони евра а доспеаните а неплатени обврски за “договорни услуги” на крајот од третиот квартал биле во износ од 54,2 милиони евра.
Доспеани а неплатени обврски
Обврски кон приватен сектор 270 200 000 е
Обврски кон јавен сектор 353 000 000 е
Обврски кон странство 35 170 090 е
Обврски кон физички лица 2 485 400 е
Извор: МФ
Според податоците , за три месеци значајно е зголемен долгот кон приватниот сектор, граѓанските здруженија и непрофитните организации. Во третиот квартал доспеаните обврски кон приватниот сектор надминаа 270 милиони евра, со пораст за 65, 3 милиони евра во однос на вториот квартал. Внатрешните обврски во јавниот сектор изнесуваат скор 353 милиони евра, доспеаните а неплатени обврски кон странство 35,1 милион евра а долговите кон физички лица на крајот од третиот квартал изнесувале скоро 2,5 милиони евра.
На крајот на септември вкупниот “внатрешен долг” изнесувал 660,1 милион евра и во однос на вториот квартал бележи намалување за 22,6 милиони евра.