Банките ќе мора да бидат солидарни и да ја спасуваат секоја банка во земјава што ќе се соочи со проблеми во работењето кои се закана за нејзиниот опстанок. Ова го предвидува новиот Закон за решавање на банки, кој како предлог доаѓа од Министерството за финансии, а е изработен во соработка со Народната банка и со домашни и меѓународни експерти.
Новото законско решение налага финансирање нова финансиска институција во земјава, а тоа е Фонд за решавање на банки, кој ќе се полни со придонеси што ќе ги уплаќаат сите банки. Целта на постоењето на Фондот е да интервенира за спасување на банка што ќе западне во криза и ќе спречи нејзино пропаѓање.
Секоја банка, согласно нејзината големина и ризичност, редовно ќе уплаќа на годишно ниво утврден износ на придонеси во Фондот, а по потреба може да треба да се изврши и вонредна уплата.
Ова е дополнителен трошок за банките во земјава, покрај редовниот што го уплаќаат во Фондот за осигурување на депозити. Колкав ќе биде овој трошок за банките засега не е познато. Во предлог- законот е прецизирано дека “средствата на Фондот за решавање на банки изнесуваат најмалку 1% од износот на вкупно покриените депозити во банките во Република Северна Македонија” и овој паричен фонд треба да се достигне во рок од 10 години од стапувањето во сила на овој закон.
Ако се земат предвид финансиските извештаи на Фондот за осигурување на депозити, каде што се чува фондот за сигурност на депозитите, излегува дека минималниот износ со кој треба да располага Фондот за решавање на банки е околу 150 милиони денари (2,4 милиони евра). Според последниот јавно објавен Финансиски извештај и Извештај на независниот ревизор за 2021 година, Фондот за осигурување на депозити располагал со фонд за сигурност во вредност од 14.768.533.000 денари, а 1% од овој износ е 147.685.333 денари.
Доколку по достигнувањето на потребното ниво на Фондот за решавање на банки средствата на Фондот се намалат, банките ќе продолжат да уплаќаат придонеси се додека не се достигне потребното ниво. Доколку средствата на Фондот се намалат на ниво пониско од 2/3 од потребното, Фондот ја определува висината на придонесите со која ќе се обезбеди достигнување на утврденото ниво.
Средствата од Фондот се наменети за покривање загуби, трошоци и други расходи настанати од интервенција за решавање или спасување на некоја банка. Со ова законско решение, кое ја пресликува директивата 2014/59/EU на Европскиот парламент и на Советот на ЕУ од 2014 година и со кое треба да се воспостави законска рамка за обновување и решавање на финансиски институции, практично се наметнува колективна обврска и солидарна одговорност на сите банки во земјава да се грижат за целокупната стабилност на домашниот банкарски сектор. Во крајна линија, и државата, односно Владата си зема за обврска да се вклучи во спасување на некоја банка доколку се процени дека ризикот од нејзиното пропаѓање е преголем, односно интересот од нејзино спасување е исклучителен и значаен за стабилноста на банкарскиот и финансискиот систем во земјава.
Оваа пракса не е непозната во земјите од ЕУ и само во последните две децении сведоци сме на повеќе примери на директни интервенции на одделни банки или влади за спасување на некоја банка. Последниот пример е спасoт на швајцарската Credit Suisse од страна на конкурентската UBS.