Стопанска банка а.д. Битола на фудбалскиот клуб Пелистер од Првата македонска лига му донираше 1.500.000 денари. Оваа донација е преку ваучерскиот систем за поддршка на спортот што го одобрува Агенцијата за млади и спорт, а во насока на развој и унапредување на тимот кој остварува одлични резултати во лигата. Во 2017 година кога Пелистер го освои Купот во Македонија, Стопанска банка а.д. Битола беше еден од главните поддржувачи и спонзори на тимот.
„Ни претставува задоволство повторно да оствариме соработка со ФК Пелистер бидејќи успехот кој заеднички го постигнавме во 2017 година е нешто големо и значајно, а ФК Пелистер како тим со огромен потенцијал и многу квалитетни играчи веруваме дека истиот може да го повтори и надмине. Веруваме и во визијата на тимот и во младите перспективни и мотивирани играчи кои знаеме дека ќе направат се за да ја исполнат. Она кое ни е особено драго и кое не поврзува на друг начин со овој тим покрај останатото е и фактот дека се работи за тим со многу долга традиција кој потекнува од градот Битола, исто како и Стопанска банка а.д. Битола. Постоејќи повеќе од 70 години и Стопанска банка а.д. Битола и ФК Пелистер на некој начин претставуваат обележје, симбол на градот‘’, велат од Стопанска банка а.д. Битола.