Поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави и републиканскиот кандидат на претстојните ноемвриски претседателски избори, Доналд Трамп, денеска лансираше нова платформа за крипто валути, „World Liberty Financial“ и ја покани јавноста да инвестира во светот на дигиталните валути.
Според структурата на капиталот, 20 отсто од токените на проектот ќе бидат доделени на основачкиот тим, кој го вклучува семејството Трамп, 17 отсто од токените се издвоени за награди на корисниците, а останатите 63 отсто ќе бидат достапни за купување од страна на јавноста, изјави основачот на платформата Зак Фолкман.
Воспоставен е и нов токен, WLFI, кој ќе се базира на блокчејнот Ethereum (ETH), пишува порталот Coindesk.
Доналд Трамп изјавил дека претходно не бил многу заинтересиран за криптовалутите, но дека неговите деца го убедиле да се премисли.
„Крипто е една од оние работи што треба да ги правиме. Сакале или не, мораме да го направиме тоа“, рече Трамп на крајот од своето обраќање.