Донесена е програмата за субвенционирање на земјоделството за 2025 година. На сметките на земјоделците треба да се најдат скоро 6,2 милијарди денари. Најголем дел од вкупната финансиска поддршка е предвидена за растителното производство …
Со 2,5 милијарди денари ќе се субвенционира растителното производство, а со помал дел сточарството.
Право на државна помош земјоделците ќе имаат и за премии за осигурување склучени од 1 август 24 до 31 јули годинава со поддршка до 150.000 денари по корисник.
За заштита на земјоделско земјиште обезбедени се пари за анализа на физичките и хемиските својства на почвата, а ќе се покриваат 80 проценти од трошоците, но не повеќе од 12.000 денари.
Остануваат и досегашните мерки за складирање на пченицата, субвенцијата за зелената нафта со која се покриваат 100 проценти од трошоците за дизел гориво, но не повеќе од 100.000 денари по стопанство и помош за вршење на земјоделска дејност во подрачја со ограничени можности за производство.
За заостанатите и неисплатените субвенции на земјоделците од 2020 до 2024 година, за враќање на долгот се предвидени скоро 2,8 милијарди денари.