Дополнителни субвенции можат да побараат градинарите кои своето производство го продале на регистрирани откупувачи, на пазар или е користено за домашни потреби. Услов е да имаат произведено минимални просечни приноси во зависност од културата…

До 25-ти декември земјоделците можат да поднесуваат барања за дополнителни субвенции за градинарско производство на отворено и во пластеници.

Оствареното производство треба да е предадено на регистриран откупувач, да е користено за потребите на сопствениот преработувачки капацитет, за домашни потреби или е продадено на пазар.

Висината на дополнителните директни плаќања изнесува 20.000 денари по хектар, а услов е да се имаат минимални просечни приноси од 20.000 килограми за домат, 15.000 за пиперка, краставица и зелка 30.000, грав 1.000 и за компир 15. 000 килограми по хектар.

Градинарите пак што го предале своето производство во преработувачки капацитет директно или преку еден регистриран откупувач од 26-ти декември 2023 до 25-ти декември 2024 година, имаат право на 3 денари по килограм за сите градинарски култури.

Освен за куртовска капија каде што субвенцијата е 5 денари по килограм за предадените количини во периодот од мај-јуни и од ноември до декември 2024 година.