Две години по ред државата интервенира во „војната“ помеѓу лозарите и винарниците. Лозаропроизводителите по втор пат ќе добијат дополнителна субвенција за предаден килограм грозје.
Винарниците не сакаат да дадат повеќе пари и покрај тоа што лозарите се заканија дека е можен бојкот на откупот, но и блокади на патиштата.
-Оттука им порачуваме на винарниците и откупувачите дека наредната година доколку не соработуваат со лозарите и здружението и не понудат попристојни цени грозјето од лозарите нема да заврши во нивните муљачи и нивните откупни центри, вели претседателот на Здружението „Напредни Лозари“, Трајче Кулев.
Лозаропроизводители повторно се жалат на третманот од винарниците. Во последниот месец неколку пати предупредуваа дека винарниците и откупувачите им ја туркаат цената, а откупната цена која им ја нудат е пониска од производната.
Од земјоделие за Сител велат дека интервента мерка ќе има, но се уште не е прецизирано колку пари лозарите ќе добијат. Висината на субвенцијата ќе се одреди заедно со Здружението. Постапката за донесување на мерката ќе почне во следниот период и ќе треба да помине на владина седница.
Лозарите бараат и од државата преку законска рамка, производната да се постави како почетна точка во преговорите за откупната цена.