====
Цените на станбените недвижности во Германија нагло паднаа во вториот квартал, покажаа денеска податоците на заводот за статистика, како одраз на влијанието на високите каматни стапки врз побарувачката. Цените на недвижностите потонаа во периодот од април до јуни за 9,9 отсто во споредба со истиот период минатата година, што е најсилно откако Дестатис почна да собира податоци во 2000 година.
Во Берлин и Хамбург становите поевтинија за речиси 10%
На квартално ниво тие се намалени за 1,5 отсто. Во градовите како Берлин, Хамбург и Минхен становите се поевтини за 9,8 отсто во однос на вториот квартал од минатата година, а семејните куќи за 12,6 отсто. Поблаг пад на цените е забележан во ретко населените рурални средини, па становите поевтинија за 7,0 отсто, а семејните куќи за 8,1 отсто.
Цените на станбените недвижности во Германија паѓаат од крајот на минатата година, покажуваат податоците на Дестатис, кои откриваат продлабочување на падот, за 3,6 отсто во четвртиот квартал од минатата година и за 6,8 отсто во првите три месеци од оваа година.
Пад на побарувачката под притисок на високите каматни стапки
Падот на цените го одразува слабеењето на побарувачката под притисок на високите каматни стапки, што го натера водечкиот германски инвеститор за недвижнини Vonovia да ги одложи плановите за изградба на 60.000 станови.
Компанијата ги истакнува и високите трошоци за изградба, кои, според портпаролката, се зголемени од околу три илјади евра за метар квадратен на околу пет илјади евра за метар квадратен.