Санкциите што ЕУ ги воведе кон Москва поради руската инвазија врз Украина резултираа со драстичен пад на трговската размена меѓу Унијата и Русија, соопшти денеска Европската статисичка служба – Евростат.
Според сезонски прилагодените податоци на Евростат, уделот на Русија во увозот во ЕУ се намали од 9,6 отсто во февруари 2022 на 1,7 проценти во јуни годинава. Од друга страна, рускиот удел во извозот на ЕУ опаднал од 3,8 проценти лани во февруари на 1,4 отсто во јуни 2023 година.
Во март 2022 година, еден месец по стартот на руската инвазија врз Украина, ЕУ забележа дефицит во трговската размена со Русија од 18,5 милијарди евра, пред се како резултат на високите цени на енергенсите. Во јуни годинава тој трговски дефицит се намали на 400 милиони евра, останувајќи на ниво од под една милијарда четврти месец по ред.
Обемот на европскиот увоз на руски стоки опадна од 21,9 милијарди евра во март 2022 на 3,3 милијарди евра во јуни годинава, додека во истиот период извозот од ЕУ кон Русија се намали од 3,4 на 2,9 милијари евра.
Ваквото намалување на трговската размена се отсликува и врз увозот на руски енергенси во ЕУ. Така, ако во вториот квартал од 2021 година уделот на руска нафта во вкупниот увоз на енергенсот во Унијата изнесуваше 29,2 отсто, тој во истиот овогодишен квартал се намали на 2,3 проценти. Ист тренд во споредбените периоди се бележи и кај природниот гас, чиј удел се намали од 38,5 на 12,9 отсто и кај јагленот со пад од 45 на нула проценти.