Министерството за финансии ќе продолжи со континуирано издавање хартии од вредност, со што ќе се обезбеди дополнително финансирање по поволни услови, во зависност од интересите на пазарните учесници, пишува во Стратегијата за управување со јавниот долг
За денеска се закажани две аукции на кои државата ќе прибира пари од домашниот пазар. Едната аукција е за државни записи – се бараат 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра. Условите се: рок на враќање за една година и камата од 3,8 проценти. Другата е аукција на тригодишна обврзница преку која ќе сака да позајми 3 милијарди денари или околу 49 милиони евра. Во овој случај рокот на враќање е три години, а каматата е 3,95 процент. Или, во еден ден државата на домашниот пазар ќе се задолжи 89 милиони евра.
Претходната влада почна, а оваа го продолжи курсот на поголемо задолжување на домашниот пазар.
„Со цел поефикасно финансирање на буџетските потреби, Министерството за финансии ќе продолжи со континуирано издавање хартии од вредност, со што ќе се обезбеди дополнително финансирање по поволни услови, во зависност од интересите на пазарните учесници. Целта е одржување редовна застапеност на државните записи и државните обврзници со рочност на среден и на подолг рок, во зависност од состојбата на пазарот“. Пишува во Стратегијата за управување со јавниот долг во периодот 2025 до 2027 со изгледи до 2029 година.
Според стратегијата, една од основните цели на управување со јавниот долг е да се овозможи развој на домашниот пазар на држави хартии од вредност, со што ќе се создадат услови за намалување на рефинансирање на долгот, резистентност на екстерни шокови и обезбедување долгорочна одржливост на долгот.
Досегашното искуство покажа дека постојано со нов долг се крпи стариот што доспева и плус се земаат пари за новиот буџетски дефицит.
Јавниот долг заклучно со 30 октомври изнесува 30 октомври 2024 година изнесува 8,84 милијарди евра, од кои 5,30 милијарди евра е надворешен долг, а 3,54 милијарди евра е внатрешен јавен долг.
Висината на јавниот долг што надмина 60 проценти од БДП, како лимит дефиниран во законот за буџети е мета на критики на целата експертска јавност. При презентацијата на есенските проекции на Светска банка, Маџаревиќ-Шујстер Сања, виш економист, вели дека условите за унгарскиот кредит од една милијарди евра се поволни, но дека има ризик поврзан со фискалниот дефицит и со јавниот долг.
– До пред 6-7шест-седум години Северна Македонија беше малку задолжена. Ова веќе не е случај – децидна беше Маџаревиќ-Шујстер.
Во оцената на Предлог-буџетот за 2025 година, Фискалниот совет извести дека проценува оти вкупниот јавен долг на крајот од 2025 година ќе изнесува 63,6% од БДП, а заедно со доспеаните, а неизмирени обврски на јавните институции и претпријатија 68,4% од БДП.
„Фискалниот совет цврсто стои на определбата при искажувањето на јавниот долг да се применува фискалната статистика на ЕУ, во кој ќе бидат вклучени и доспеаните, а неизмирени обврски на јавните институции и претпријатија“, пишува во документот.
Во Предлог-буџетот за 2025 година е проектиран буџетски дефицит од 672,3 милиони евра. Надворешните задолжувања коишто стигаат за наплата се 801,6 милиони евра, а отплатата на домашниот долг треба да изнесува 274,8 милиони евра.